Претседателот на СДСМ и експремиер Зоран Заев е повикан да сведочи на следното рочиште за случајот „Монструм“.
На барање на обвинителот Гаврил Бубевски, исто така, повикани се да сведочат и „свиркачот“ кој ја откри аферата со прислушувањето Звонко Костовски, Зоран Трајковски, Зоран Велковски и Љупчо Тодоровски-Радникот.
Заев и Костовски се повикани поради начинот на кој ги добиле прислушуваните разговори во врска со петкратното убиство кај Смилковско Езеро. Трајковски ќе сведочи како лице кое би можело да знае нешто во врска со убиството, по телефонските разговори што беа слушнати во судницата, а на кои тој зборува, додека Велковски е повикан бидејќи го пријавил настанот.
На барање на родителите на убиените момчиња, дополнителен сведок ќе биде и Синиша Алексовски, советникот на поранешниот претседател Ѓорге Иванов.
Обвинетите побараа да сведочат двајцата припадници на единицата „Алфа“ кои први дошле на местото на злосторството.
Нивните адвокати најавуваат до 50 нови сведоци.
„Дел од сведоците ги предложивме при крај на 2019 година. Другиот список со околу 20 сведоци ќе го предложиме на 3 февруари. Ние настојуваме да се прикаже видео материјалот од Општина Илинден, каде може да се види и обвинетиот Фејзи Азири. Истото така како сведоци ќе ги предложиме и поранешниот министер Миле Јанакиески и екс градоначалник на Општина Илинден. Имајќи предвид дека случајот се води по стариот Закон за кривична постапка, не ја исклучуваме можноста во тек на оваа постапка да предлагаме и други сведоци“, изјави за МИА адвокатот Насер Рауфи.
На денешното рочиште родителите на убиените момчиња побараа да се пушти изјава на тогашниот премиер Зоран Заев на собраниска говорница во 2018 година, но според најавите тоа најверојатно ќе се случи на 3 февруари, кога треба да се обезбеди снимката од Собранието.
*Поврзана вест