Оставката на поротничката Лилјана Ивановска-Кочковска, која е дел и од судечкиот совет во предметот „Монструм“, не го врати случајот на почеток бидејќи обвинетите и нивните адвокати се согласиле судењето да продолжи од онаму каде што беше застанато.
„Одбраната се согласи наместо повторно изведување на доказите, судењето да почне формално од почеток само со пренесување на сите досегашни изјави и изведени докази во новиот записник, со што расправата продолжи онаму каде што и претходно застана, а тоа е со изведување нови докази и сослушување нови сведоци. На овој начин судот, во согласност со одбраната, а постапувајќи според законските одредби, не дозволи дополнително одолговлекување на постапката, што е од интерес пред сè на обвинетите и оштетените во предметот“,
соопштија од Основниот кривичен суд.
Законски е пропишано дека ако има промена во составот на судечкиот совет, судењето да се врати на почеток, но со согласност на одбраната новиот почеток може да биде и само формален – како што е случајот со „Монструм“.
На местото на Ивановска-Кочковска е назначен нов поротник, а поставен е и резервен бидејќи наскоро истекува мандатот на уште една поротничка во судечкиот совет.
Истиот совет е и во предметот ТНТ. Дали таму ќе има нов почеток, треба да се дознае на денешното рочиште откако вчера судијата Огнен Ставрев соопштувајќи за оставката на поротничката ѝ порача на одбраната дека ако навистина не сака да го одолговлекува процесот ќе се согласи на варијантата, материјалните и вербалните докази да бидат само прочитани наместо да се изведуваат веднаш.