Одбраната во случајот ТНТ, кој се однесува на рушењето на комплексот „Космос“, денеска на рочиште во Основниот кривичен суд треба да одлучи како ќе продолжи судскиот процес во иднина.
Има две опции: едната е да се согласат да бидат прочитани материјалните и вербалните докази и судскиот процес да продолжи онаму каде што е застанат, а другата е да бара одново да се изведуваат сите докази.
Првата ќе значи штедење на време бидејќи читањето на доказите ќе одземе едно или само неколку рочишта, додека втората варијанта ќе значи сите материјални докази одново да се изведуваат и во судница повторно да бидат повикувани сите сведоци.
Ова доаѓа откако вчера поротничката Лилјана Ивановска-Кочковска, која е дел од судечкиот совет во предметот, си даде неотповиклива оставка.
Судијата, кој е на чело на судечкиот совет, Огнен Ставрев, на вчерашното рочиште ја „предизвика“ одбраната – ако навистина целта на адвокатите и обвинетите не им е да го одолговлекуваат процесот, да се согласат доказите само да се прочитаат.
„Не сакам да ја коментирам нејзината оставка, тоа не е моја работа, меѓутоа вие тврдевте пред овој судечки совет и пред мене лично дека тоа што го правевте и баравте два месеца не го правите за одолговлекување на постапката туку за почитување на законот. Ако е така, потврдете се самите себе, ќе ја почнеме постапката одново, но имате шанса да ми кажете да ги прочитаме материјалните и вербалните докази наместо макотрпно да ја почнеме постапката одново. Тоа ќе биде целисходно брзо и ефикасно. Уште утре ви давам термин да дојдете на рочиште и да кажете“,
рече Ставрев.
Еден од адвокатите од одбраната, Јовица Страшевски, кој во изминатиот период беше најактивен со прозивки преку отворени писма кон поротничката, судот и Судскиот совет, вчера во изјава за медиумите рече дека за него подобро е сите докази да се изведуваат одново.
„Има два начина – едно да се изведат, второ да се читаат. По мене, подобро да се изведат повторно, меѓутоа ако се согласат сите и јас би се согласил затоа што јас, на пример, само два часа имав извршено увид во постапката и не знам ништо од доказите. Не се забавува постапката ниту со едното ниту другото. Како што ќе одлучи мнозинството, јас ќе прифатам, нема да правам опструкции, зашто во интерес ни е да ги докажеме правдата и вистината“,
изјави Страшевски.
Оставката на поротничката е втора по ред, но оваа е неотповиклива. Претходно таа била кај првиот човек на Основниот кривичен суд, Иван Џолев, каде што зборувала за повлекување поради закани и притисоци, но откако ѝ била кажана можноста дека може да добие обезбедување, Ивановска Кочковска се согласила да продолжи да биде дел од судечкиот совет. Меѓутоа, во втората оставка таа како причина ги навела истекот на мандатот и здравствената состојба.
Фијат Цаноски, пак, кој е трета страна во случајот ТНТ како оштетен, вчера рече дека се сомнева оти оставката била дадена доброволно.
„Се сомневам дека поротничката самоволно дала оставка, туку сметам дека е поткупена од мафијата која владее во Македонија или поради некои закани. Јас, сепак, верувам во правосудниот систем и верувам дека овој процес многу бргу ќе се заврши иако почнува од почеток“,
рече Цаноски посочувајќи дека мисли на мафијата на Никола Груевски.
Одговарајќи на новинарски прашања, тој рече дека обвинетите за рушењето на неговиот комплекс „Космос“ се надеваат дека ќе победат на избори и ќе се спасат од криминалите.
Вкупно седумина се оние за кои тој вели дека се надеваат на спас. Меѓу нив се: избеганиот експремиер Никола Груевски, кому му се суди во отсуство, поранешниот министер Миле Јанакиески, бившиот градоначалник на Гази Баба, Тони Трајковски и уште четири лица кои во 2011 биле дел од постапката на уривање.