Заканите на лидерот на опозицијата дека со двотретинско мнозинство во Собранието ќе го укине Договорот од Преспа, според премиерот во оставка Зоран Заев, значат укинување на нашето членство во НАТО и запирање на процесот за добивање датум за старт на преговорите со ЕУ.
Тој укажува дека тоа е спротивно на стратегиските интереси на земјата и ќе го проблематизира прогрес остварен на тоа поле во изминати две и пол години.
„Стравувам дека Мицкоски реално ќе го направи тоа, затоа што има разлика меѓу него и Мицотакис. Мицотакис знаеше дека договорите мора да се почитуваат и спроведуваат, Мицкоски не го вели тоа. Наивно, па дури и глупаво, е да се враќаме назад. Затоа јас велам дека нема да дозволиме да се врати режимот, зашто ништо не покажува дека е изменето нешто кај опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ. Ние сме тука јасно и гласно да укажеме дека тоа се штетни политики кои ќе донесат сериозни последици за земјата“,
истакна Заев во интервју за порталот „Слободна ТВ“.
Заев е охрабрен од најавите за брзо формирање на владата во Шпанија кое е претпоставка и за последната ратификација на Протоколот за членство на земјата во НАТО, а очекува да биде скусен и процесот за членството во ЕУ.