Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, ги демантира обвинувања на опозицискиот лидер Христијан Мицкоски дека владејачката партија ги монтира и објавува аудиоснимките што се појавуваат на Јутјуб.
Според Заев, нив ги објавил некој што бил присутен на состанокот со Мицкоски.
„Прво видовме како се снимале состаноци, секакви луѓе и претпоставувам некои од тие што биле на тие состаноци ги има снимано разговорите и ги има пуштено. Кога Заев поседуваше докази јавно ги објавуваше на транспарентен начин во СДСМ и секогаш кога ќе поседуваме докази ќе ги објавиме јавно и ќе ги доставиме до институциите на системот. Народот во оваа кампања очекува позитивна кампања и да слушне понуда на иднина. Токму тоа е фокусот на кампањата, ние продолжуваме да водиме исклучително позитивна кампања, а веројано ќе се дознае и кој ги објавува разговорите, а веројатно граѓаните можат да претпостават како што јас можам да претпоставам како слушател“,
рече Заев.
Тој ја исклучува можноста снимките да се пуштани од СДСМ или од некој од СДСМ бидејќи како што рече, кога имала партијата што да објави тоа го правела јавно.
„Секако дека ја исклучувам можноста. Знаете како беше со бомбите од 2015 кога јавно ги објавувавме, со транскрипти и ги доставувавме до медиумите. На состаноците како што слушам имало најмалку три личности коишто биле таму, тоа се господинот Мицкоски, женскиот глас којшто се слуша и Зоран Милески – Кичеец“,
рече Заев.