Ние немаме море, пристаништа или извори на нафта за да ја развиваме економијата, а легализацијата на марихуаната е можност за развој на туристичките места и услужните дејности, вели Заев
Декриминализација на марихуаната ни треба час поскоро за тие 0,5 грама секој што ги користи да не одговара, порача премиерот Зоран Заев во Собранието одговарајќи на пратеничко прашање.
Тој вели дека очекува широка дебата во Собранието и за целосна легализација на марихуаната со цел развој на туризмот и услужните дејности. Тоа вели може да биде во кафетерии каде е дозволена конзумација по примерот на Амстердам, но вели државата треба да се стреми и за целосна легализација, преку која и граѓаните ќе можат да одгледуваат одредена количина марихуана под контрола или да ја дадат на компанија да ја одгледува за нив.
„Во Холандија, во БДП услужните дејности учествуваат повеќе од 60 отсто. Ние немаме море, немаме пристаништа, извори на нафта да го развиваме нашиот економски сектор. Ова е добар потенцијал за државата да може да го искористи за развој на економијата, отворање нови работни места, развој на туризмот инт. Очекувањата се да има можност да се користи марихуаната за развој на туристичките места, по системот на Амстердам, каде има кафетерии со посебни услови и во такви услови се дава можност за користење на оваа билка кој дефинитивно дава резултати во севкупната борба против отстранување или одвлекување од користење на опојните дроги. Сите земји каде е легализирана за 30 до 50 отсто е паднато користењето на кокаин, хероин и тешки дроги. Затоа можноста покрај во кафе шопови треба да се оди кон комплетна легализација. Ова нема да биде привилегија само на богатите да инвестират, целта е да се овозможи секој граѓанин до две- три стелба, под контрола на Агенцијата која е предвидена во самиот закон, да може да ги користи за сопствена потреба или да ги делегира на компанија да ги одлегува за него“,
рече Заев.
Тој рече дека опозицијата го кочи развојот на државата преку блокирање на Законот за опојни дроги, односно за производство на марихуана за медицински цели. Вели неговите роднини имаат само една лиценца од 59 други кои постојат во државата и дека секој што исполнува услови ќе добие лиценца.
„Законот за опојни дроги односно користење на канабис за медицински цели е донесен 2014 година од владата на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, во тоа време ние како опозиција го поздравивме Тогаш беа издадени две лиценци кои до ден денеска работат и имаат сертификати. Покрај овие две лиценци Владата има дадено 57 лиценци, тие се компании домашни и странски за медицински цели и до ден денес се упторебуваат лековите за многу болести, како дома така и надвор од државата. Законот е заглавен и тоа е право на опозицијата да го кочи развојот на државата. Никој нема да се пожали да ги исполнува условите, а да не добие лиценца за прозивдоство на канабис за медицински цели. Верувам дека државата траба да го искористи овој потенцијал, затоа што поднебјето ни е такво и успева“,
рече Заев.
