СДСМ сериозно ќе размисли за односот со ДУИ како коалициски партнер откако оваа партија поднесе 5.000 амандмани на предлог законите за измена Изборниот законик со кои се предвидува една изборна еднициа и отворени листи за локалните избори.
„ДУИ гледаат дека ВМРО-ДПМНЕ поднеле 9.000 амандмани и тие поднесуваат 5.000 амандмани, а се партнер во Владата. Прво, јас можам да разберам колку со ваквите измени добива ДУИ, колку добива кај Албанците, во државата, генереално, кажете ми вие јас што да мислам, што да мисли народот, коалицијата, колку е таа одржлива или не? Навистина ова е за сериозна причина за сериозни размислувања кои што СДСМ ќе ги отвори, изјави денеска Заев одговарајќи на новинарско прашање.
Прашан дали тоа значи дека е можна нова коалиција премиерот уште еднаш рече дека сериозно ќе се размисли во партијата поради пораката што ја испраќа коалицискиот парнер.
„5.000 амандмани се навистина лоша порака. Кој и да е, премногу е. За оваа дискусија што се случува овие денови, нас ни е јасно дека е изборна кампања, јасно ми е дека секоја политичка партија се поставува, но нас ни е должност сите политички пораки што се испратени да ги разгледаме“, рече Заев.
Претседателот на Комисијата за политички систем Александар Кирацовски вчера кажа дека повеќе од 6.000 амандмани се поднесени на измените на Изборниот законик.
Од ВМРО-ДПМНЕ инсистираат дека вакви закони не можат да се носат без консензус, а тие се противат на ваков изборен модел.
Истиот став го имаат и од ДУИ. Артан Груби вчера кажа дека „процесот на еднонасочно, еднострано менување на правилата на игра пред да започнат изборните процеси е опасен преседан“.
Пратеникот и портпарол на СДСМ Костадин Костадинов ги повика ДУИ да размислат, да го преиспитаат чекорот и да ги повлечат амандманите до почеток на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците и да има суштинска дебата.