Денешниот онлајн состанок на лидерите на „мал Шенген“ резултираше со директна покана до Косово да се приклучи кон иницијативата, согласно со Вашингтонскиот договор меѓу Вучиќ и Хоти
Српскиот претседател Александар Вучиќ и премиерите на Северна Македонија и на Албанија Зоран Заев и Еди Рама се заложија, на денешниот видеосостанок за отворени граници, без ПЦР тестови, почнувајќи од понеделник 2 ноември. Во меѓувреме, во пресрет на состанокот во Софија, ќе се работи на продлабочување на соработката во јавното здравство и меѓусебната помош, информираа од Владата, во соопштението од денешната онлајн средба на иницијаторите на „мал Шенген“.
Целта на денешниот состанок, како што велат од Владата, е обновување на иницијативата за регионална соработка започната минатата година.
„Активностите на иницијативата за регионална соработка беа одложени поради пандемијата и изборите во Северна Македонија и во Србија и тројцата лидери се согласија дека кризата ја нагласи потребата од натамошно интензивирање на меѓусебната соработка и регионалната економска интеграција“,
информираа од Владата.
За време на средбата преку интернет, Вучиќ , Рама и Заев истакнале дека оваа иницијатива е целосно во согласност со Берлинскиот процес и дека е добра основа за подготовка на земјите од Западен Балкан за претстојниот самит во Софија, во рамките на Берлинскиот процес со кој оваа година копретседаваат Бугарија и Северна Македонија.
Лидерите на Србија, Албанија и Северна Македонија се согласиле дека е многу важно сите шест земји од Западен Балкан да учествуваат во иницијативата за регионална соработка. Во таа насока, денеска и официјално го поканија Косово да се приклучи на иницијативата, како резултат на рамката поставена на самитот во Вашингтон во септември годинава меѓу српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Авдулах Хоти.
Претседателот Вучиќ, и премиерите Рама и Заев, исто така се согласија да формираат постојана работна група од претставници на сите земји од иницијативата за да се забрза спроведувањето на договорените активности во рамките на регионалната соработка.
Лидерите на Србија, Албанија и Северна Македонија, учесници на денешната онлајн средба, се согласија дека иницијативата за регионална соработка е добра основа за идентификување на заеднички инфраструктурни проекти за развојната агенда на регионот кои можат да бидат опфатени со Економско-инвестицискиот пакет на ЕУ за Западен Балкан што неодамна го усвои Европската комисија.
Тројцата лидери изразија надеж дека наскоро и Црна Гора и Босна и Херцеговина ќе се приклучат на иницијативата, со што ќе се постигне подобра и посеопфатна економска соработка помеѓу сите држави во регионот.