Според портпаролот на грчката влада Стелиос Пецас дел од прашањата за кои ќе се разговара ќе бидат европската перспектива, билатералните односи, темите што произлегуваат од Договорот од Преспа, односно комисиите…
Премиерот Зоран Заев од денеска ја започнува дводневната работна посета на Грција, а утре ќе учествува на панел-дискусија во рамките на конференција на Економист „24-та тркалезна маса со грчката влада“, ќе има работен ручек со неговиот грчки колега Киријакос Мицотакис и ќе оствари средба и со претседателката на Грција, Катерина Сакеларопулу.
Заедно со Заев се и вицепремиерите за економски прашања и за координација на економските ресори и инвестиции Фатмир Битиќи, и за европски прашања Никола Димитров, и министерот за надворешни работи Бујар Османи.
Утре средба со Мицотакис
Заев утре, на вториот ден од конференцијата, ќе учествува на панел-дискусија посветена на Западен Балкан.
Подоцна, во текот на утрешниот ден, се закажани средбите грчката претседателка Сакеларопулу и со премиерот Мицотакис.
Во врска со средбата на двајцата премиери, портпаролот на грчката Влада Стелиос Пецас, одговарајќи на новинарско прашање, на вчерашниот брифинг рече дека дел од прашањата за кои ќе се разговара ќе бидат европската перспектива, билатералните односи, темите што произлегуваат од Договорот од Преспа, односно комисиите…
Ова ќе биде трета средба на Заев и Мицотакис, по онаа пред една година во рамки на Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк. Како што тогаш соопшти прес – службата, таа траеше кусо, околу половина час и главна тема беа Договорот од Преспа и ЕУ-перспективата на нашата земја.
Втората беше во ноември лани во рамки на четвртиот Самит во Солун.
На дводневната конференција посветена и на проширувањето на ЕУ и следните чекори, реформите што треба да се спроведат и трговијата и инвестициите, ќе учествува и премиерот на Албанија Еди Рама, експремиерот на Грција и лидер на СИРИЗА, Алексис Ципрас, министри од грчката Влада, меѓу кои и оние за надворешни работи, за здравство, за одбрана, за инвестиции, шефот на кипарската дипломатија, поранешниот француски претседател Оланд, поранешниот италијански премиер Ренци, амбасадорот на САД во Грција.