Бугарија е свесна за реалноста заради тоа што Република Северна Македонија, македонскиот народ и македонскиот јазик се непобитен факт и тие знаат дека ЕУ ова го третира како европска вредност, европска придобивка, рече премиерот Заев во интервју за ТВ 21, и додаде дека е многу лесно да се направи кавга, но нам ни требаат решенија.
Затоа најави дека ќе останат внимателни во изјавите за Бугарија и ќе им дадат шанса на разговорите.
„Сега има пенал за шутирање, за кавги колку што сакате, но нас не ни треба тоа. Ни треба пријателство. Нас ни треба трезвени глави, мудри лидери кои што навистина ќе дадат шанса на дијалогот, ќе дадат шанса на решенијата, не на конфликтот“,
истакна Заев.
Тој во интервјуто зборуваше и за тоа што би се случувало во наредниот период, па порача дека очекува еден од следните чекори да биде и тој лично да седне на маса со бугарскиот премиер Бојко Борисов.
„Очекувам дека на ова прашање ќе седнеме на маса јас и Борисов. Имавме работен ручек во рамки на Берлинскиот процес, но очекувам јас и тој да седнеме како другари и браќа и малку да размислиме зошто сме добивале и ќе добиваме поддршка дома. Затоа што покажуваме мускули на некој или затоа што покажуваме европска авангарда“,
рече Заев во вечерашното гостување во емисијата „Клик плус“ на ТВ 21.
Тој вели дека тимовите од министерствата за надворешни работи разговараат постојано дури и вечерва и уверен e дека ниту Борисов не сака на ваков начин да има расплет на нивото пријателство.
„Ме радува изјавата на министерот за надворешни работи на Германија, Рот, кој е многу прецизен во тоа што го кажува. Тие (Германија) тие предложија принципиелен предлог. Оставам простор на нашите соседи, на Бугарија, на Владата таму да сфатат дека ваква работа македонскиот народ нема да направи на бугарскиот, второ верувам дека бугарскиот народ тоа не го посакува на македонскиот народ, тоа може да го направат само политичарите и не верувам дека Борисов е за ваков расплет на нашето пријателство“,
изјави Заев.
Премиерот во телевизискиот настап рече дека нашата страна е спремна да декларира дека краткото име на државата „Северна Македонија“ е исто како и „Република Северна Македонија“ и нема територијални претензии кон Бугарија. Исто така, во однос на јазикот рече дека Бугарија не може да наметнува на ниво на ЕУ тој да биде деклариран како официјален јазик според Уставот на Република Северна Македонија, но дека е прифатливо тоа право Бугарија да си го задржи за билатералните односи помеѓу двете држави.
„Во однос на јазикот Бугарија може да си остане на своето право потврдено со Договорот, да си користи како таков во билатералните односи, немам проблем тоа да го нотифицира во Советот на ЕУ, но не може да бара тоа да биде став на Советот на ЕУ“,
вели Заев.
За малцинствата, исто така, порача дека сме спремни јавно да декларираме дека немаме никакви претензии зошто тоа е внатрешно прашање на Бугарија, а ние според нашиот Устав не се мешаме во внатрешните работи на други земји. Истото тоа, рече премиерот, е предвидено и во бугарскиот устав.
Премиерот вели дека очекува Бугарија сепак да го признае јазикот и народот. На прашањето, пак, што ако не се случи ништо и во декември кога завршува германското претседателство со ЕУ, тој вели дека ќе се продолжи со реформите и европеизацијата, дека ќе се бара помош од земјите-членки на ЕУ да помогнат во реформскиот процес и како што рече, да ја донесеме Европа тука.
Заев зборуваше и за опозицијата и рече дека нема намера да свика лидерска средба обвинувајќи го лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски дека никогаш досега немал став и дека за ништо не успеале да се договорат.
„Во жижата на разговорите не го правите тоа со неодговорните политичари. Сè што покажал досега е немање став и одговорност… Не ми треба Мицкоски за да се скарам со Бугарија, можам и сам да се скарам, ако го повикам кавгата не ни бега“,
рече Заев.