Преговорите со ЕУ , велат од „Илинденска“ бр.2, не смеат да се претворат во преговори со Бугарија
Одлуката на Бугарија е неуспех за ЕУ. Македонските идентитет и македонскиот јазик не се предмет на преговори, ќе продолжиме да бараме решение за нашата незаменлива европска иднина, велат од Бладата, откако на денешниот министерски совет не помина прегварачката рамка за нашата земја.
Од Владата велат дека досега не се создадоа соодветни услови за да се надминат новите бугарски барања и затоа Бугарија одлучи дека во овој момент нема да ја одобри нашата преговарачката рамка во ЕУ.
„Тоа е неуспех за политиката на ЕУ за проширувањето, лоша порака за целиот регион и пораз за фундаменталните европски вредности и принципи. Задршката на Бугарија да ја одобри преговарачката рамка не е во духот на добрососедските односи. Ваквиот став на бугарската Влада е спротивен на членот 2 од Договорот за пријателство од 2017 година“,
оценуваат од Владата.
Оттаму велат дека македонската позиција е јасна: европските интеграции не смеат да бидат заложник на билатерални прашања. Преговорите со ЕУ , велат од Владата, не смеат да се претворат во преговори со Бугарија. Нашиот напредок во ЕУ интеграциите првенствено треба да зависи од домашните реформи врзани со поглавјата, законодавството на ЕУ и постигнувањето на европските стандарди.
„Ние сме сигурни во тоа кои сме и што сме. Од секогаш сме биле Македонци кои зборуваат македонски јазик, со силно чувство на самоопределување околу кое не може да се преговара и кое не може да биде доведено во прашање. Македонскиот идентитет и македонската национална свест биле отсекогаш високо изразени и на научно и на духовно ниво. Така е и денес, така ќе биде секогаш. Но истовремено сме особено горди и на нашата смиреност и на нашата национална и политичка големина во овој тежок период за нас. Тоа е одлика на вистински Европејци, тоа е одлика на Македонците“,
велат од Владата.
Исто така, се посочува дека Македонија и Бугарија се блиски држави, македонскиот и бугарскиот народ отсекогаш биле исклучително блиски, а сега сме и сојузници во НАТО. Ние сакаме, се посочува, нашите односи уште повеќе да ги подобруваме, со взаемна почит и разбирање.
„Имаме заеднички геополитички интереси, за самите себеси, но и за регионот. Наш заеднички интерес е целиот Балкански регион што побрзо да се интегрира целосно во ЕУ, да се поврземе инфраструктурно, преку Коридор 8, да овозможиме полесен проток на луѓе, идеи, стоки и капитал, да изградиме добри услови за бизнисот, да ги зголемиме инвестициите – тоа е вистински патриотизам и лидерство. Благодарни сме на зајакнатиот ангажман на германското претседателсто со ЕУ, како и на личниот ангажман на канцеларката Меркел. Вложивме сериозни дипломатски напори да создадеме услови минатото да не биде кочничар на иднината.Ќе продолжиме интензивно да разговараме во интерес на нашата европска иднина, при што сметаме дека решение е можно само ако од тоа решение двете страни излезат како победници, затоа бараме „win-win“ позиција“,
брифираат од „Илинденска“ бр.2.
Нашата Влада, посочуваат оттаму, останува на истиот стратешки колосек. Испорачавме полноправно членство во НАТО, се нагласува, ќе ја придвижиме земјата и кон ЕУ и ќе продолжиме со реформите со силен интензитет.
„Наша обврска е да ги спроведеме европските стандарди дома. За нас нема друг пат, нема друга алтернатива. Патот ни е многу трнлив и полн со предвидливи и непредвидливи предизвици. Но, нема откажување. Реформите продолжуваат“,
велат од Владата, нагласувајќи дека „нема ни трошка вистина во манипулациите кои ги пласираат дел од опозициските партии предводени од ВМРО-ДПМНЕ, за наводно “распродавање на македонскиот идентитет”.
Од Владата, исто така, апелираат до ВМРО-ДПМНЕ„ да престанат да се радуваат на тешките моменти во кои се наоѓа државата„ и, како што се наведува, да го препознаат моментот кога одредени национални прашања ги надминуваат границите на вообичаените партиски пресметки.