Германскиот министер рече дека се надева на пробив во наредните денови или седмици, за во декември да може да се одржи првата меѓувладина конференција
Михаел Рот, германскиот министер за Европа, кој претседаваше со денешниот министерски состанок на ЕУ, изрази надеж дека се уште има простор за пробив во дијалогот меѓу Северна Македонија и Бугарија, за првата меѓувладина конференција да може да се одржи до крајот на годинава, односно додека Германија претседава со Советот на ЕУ.
Рот рече дека сите земји членки на ЕУ, освен Бугарија, во денешната дискусија ја поддржале преговарачката рамка за С Македонија. Тој посочи дека се надева на компромис во наредните денови или седмици.
Германскиот државен министер за Европа рече дека С Македонија и Албанија направиле многу во процесот на евроинтеграција.
„Треба да се испрати јасен сигнал кон Западен Балкан. С Македонија и Албанија направија многу и постигнаа многу, но тоа е долг пат кој почнува со преговори“,
рече Рот.
Тој рече дека Германија во овој период се обиде да ги приближи позициите на Бугарија и на С Македонија и дека досега не успеа во тоа, ама дека ќе продолжи да дава поддршка и во наредниот период.
„Сакаме да ги тргнеме од патот сите пречки за да успееме уште за време на нашето претседавање да ги започнеме меѓувладините конференции. Но сега не е време билатералните проблеми, што во ова кратко време не успеавме да ги решиме, да ги пренесуваме на европско ниво. Мора како ЕУ да испратиме јасен сигнал на доверба кон Западниот Балкан и притоа, како на Северна Македонија, така и на Албанија, кои многу сработија, да им го отвориме патот кон ЕУ“,
нагласи Рот.