Изненадувачки е што се појавија вакви елементи, и немам друго објаснување дека тоа е поврзано со близината на изборите во Бугарија. Но, сепак, би дал шанса и мислам дека може да се постигне договор, вели премиерот Заев
Покажавме европски манири и кога Европа требаше да испорача и да стои зад европските вредности, тоа не го испорача. Затоа велам дека ова е најголем пораз за ЕУ, изјави премиерот Зоран Заев во интервју за ТВ 21, во првата реакција на исходот од денешниот состанок на Советот на министрите.
„Лично, ми паѓа тешко, ова е голема неправда и немам друго објаснување освен дека ова е поради близината на изборите во Бугарија. Она што се случи не е својствено за Европа: Фон дер Лајен, потпретседателот на ЕК, Лајчак, поранешниот премиер на Грција, Ципрас, министерот за надворешни работи на Германија, Хајко Мас, да кажуваат вакви зборови за Заев и со тоа за нашиот народ, но кога требаше да испорачаат нешто денеска, веќе да не се држат до тие европски вредности и Европа да направи нешто што значи уназадување на европските вредности – да не добиеме зелено светло поради една земја членка, и тоа наш сосед“,
рече Заев.
Но, тој сепак смета дека има уште шанси, дека треба да се даде шанса во следните денови, бидејќи и на состанокот е оставен простор до декември, додека постои можност за одржување на првата меѓувладина конференција.
За Владата рече дека продолжува со напорите преку духот на градењето пријателство, дијалог, а не преку создавање конфликти.
На прашањето дали овие денови се слушнал со бугарскиот премиер Бојко Борисов, Заев рече дека не разговарал и дека Борисов не му честитал за наградата која вчера му беше доделена во Берлин, но дека тој лично има намера да му се јави и дека контактите продолжуваат.
„Без дилеми контактите продолжуваат и јас со Борисов, и нашите министри за надворешни работи, вицепремиерот за европски прашања, со нивните министри Захариева и Каракачанов. Продолжуваме до изнаоѓање решение, но остануваме на тоа – ние да се грижиме за нив и нивните интереси и тие да се грижат за нас и нашите интереси. И тоа низ духот на пријателството. Тоа не е невозможно, не сме многу далеку. Изненадувачки е што се појавија вакви елементи, и немам друго објаснување дека тоа е поврзано со близината на изборите. Но, сепак, би дал шанса и мислам дека може да се постигне договор“,
рече Заев.