Премиерот Зоран Заев денеска за ТВ 21 изјави дека нема закажано средба со неговиот бугарски колега Бојко Борисов.
„Нема закажано средба помеѓу мене и Борисов. На ниво на работни групи под раководство на нашиот и бугарскиот министер за надворешни работи се разговара“,
вели премиерот.
За десетина дена треба да се одржи нова средба на Советот за општи работи на ЕУ, на која на дневен ред може да се најде прашањето за усвојување на преговарачките рамки за Северна Македонија и Албанија, откако Бугарија на состанокот на 17 ноември не даде согласност за документот за земјава.
Премиерот Заев по интервјуто за БГНЕС, кое предизвика реакции во јавноста, потенцира дека македонскиот јазик и македонскиот идентитет не се на маса за преговори.
„Бугарија ја признава реалноста за македонскиот јазик и македонскиот идентитет, но сака да зборува за историјата, за минатото и за корените“,
рече Заев.
Повтори дека двете страни треба да направат се за да се дојде до решение со меѓусебно разбирање, со подавање рака, градење на пријателство за да продолжи интеграцијата на целиот Балкан во ЕУ, заради тоа што, како што рече, тоа не е само наша аспирација и стратешка цел, тоа е аспирација и стратешка цел и на нашиот источен сосед.