Премиерот вели дека германските експерти треба да го дадат својот извештај околу несреќата во рок од 10 до 15 дена, додека од нашите истражни органи очекува во текот на оваа недела да објават информации
Моралната одговорност во случајот со пожарот во модуларната болница во Тетово е постигната со тоа што се понудени четири оставки, смета премиерот Зоран Заев, кој и понатаму инсистира на тоа дека за нив треба да одлучи откако ќе ги добие извештаи од истражните органи.
Заев вели дека не може едноставно да се разрешуваат министри, зашто треба да се мисли и што понатаму односно дали треба да се донесе некој нов да се учи како да менаџира со пандемијата.

„Јас го разбирам вашиот гнев како го поставувате прашањето затоа што болката е голема кај сите, го имаме сите, го имам и јас. Но, не можете едноставно да разрешувате министри, влада, парламент, па дури и цел народ заради оваа болка. Мора да водите грижа прво за суштината и причините на тоа што се случило. Второ, мора да знаете што после тоа – ќе учите некој уште шест месеци да навлезе и да менаџира со короната, со болницата во Тетово? Мора да ги дадете соодветно одговорите. Кога ги давате соодветно одговорите, мора да ги имате влезните информации за да можете како премиер да го кажете својот став“,
изјави денеска премиерот.
При одлучувањето дали ќе ги прифати оставките на министерот за здравство и заменикот, Венко Филипче и Илир Хасани, и директорите на тетовската болница Флорин Бесими и Артан Етеми, според денешната изјава, премиерот ќе оценува и како работеле тие досега, а нема да го земе предвид само случајот со болницата.
„Кога дејствувате и носите одлука на основа на акт етички или морален, мора да му ја мислите што после тоа, колку е во суштината вината внатре иако е од етички аспект, што имало со тие луѓе во минатото, што работеле, колку успешно работеле и согласно тоа ќе го дадам мојот став. Зошто не сфатите ако некој има свој став, дека некој друг може да има и друг став, но сето тоа мора да биде аргументирано на основа на анализи и затоа и така сум поставен. Верувајте, немаме никакви предрасуди освен одговорноста. Одговорноста е во нашето секојдневие, пред сè мислам и на одговорноста за иднината, кој и како ќе го менаџира системот, како ќе биде поставен, короната и пандемијата продолжуваат и понатаму, здравствениот систем и тоа како е важен и за сите други тековни болести, и соодветно на тоа ќе ги носиме одлуките“,
повтори Заев.
Премиерот нагласува дека не треба да се заборави дека станува збор за модуларни контејнери кои претходно фабрички се изработени на други места и дека и ние, како и цел свет, сме ги поставиле за пациентите да не бидат примани на паркинзите пред инфективните клиники.
Во однос на истрагата, тој вели дека според информациите што ги има од МВР, германските експерт, кои минатата недела беа во земјава, својот извештај околу несреќата треба да го дадат во рок од 10 до 15 дена, додека од нашите истражни органи очекува во текот на оваа недела да се објават информациите.
„Нашите извештаи очекувам многу бргу да бидат готови. Не би сакал никако да избрзуваме, нешто избрзано да направиме, но времето е важно. Граѓаните бараат одговор, не само затоа што јас ги чекам извештаите за да дадам став за поднесените оставки, уште поважно е дека граѓаните бараат одговор што всушност се случило, кои се причините и слично. Јас лично очекувам до крајот на оваа недела да излезат извештаите, а дали ќе биде така или не, тоа ќе каже републичкиот и надлежните обвинителите – тројцата од Тетово и двајцата од Скопје кои беа испратени да помогнат, а тие зависат од форензичарите и сите“,
рече Заев.

Премиерот денешните изјави ги даваше на настан по повод 75 години од основањето на Сојузот на здруженијата на пензионерите. По две поставени прашања, дел од присутни на настанот почнаа да негодуваат поради поставените прашање од новинарите, довикувајќи дека прашањата треба да бидат за пензионерите. По ова, Заев се повлече од бината на која имаше плакати поврзани со настанот и одговараше на новинарските прашања на страна.