Најверојатно, рече Заев, во понеделник ќе објават и дека конечно се договориле за користењето на скенери за отпечатоци на прсти на локалните избори. Покрај ова, тој вели дека има уште многу работа за Изборниот законик како што се воведување отворени листи на локални избори и една изборна единица на парламентарни избори
Имаме многу што да разговараме, но секако најважно е да седнеме и низ дијалог да наоѓаме решенија затоа што постоиме да им служиме на граѓаните
Имаме многу што да разговараме, рече денеска премиерот Зоран Заев откако синоќа договори средба со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во понеделник во Клубот на пратеници.
Блокираните закони и проекти во Собранието, но и измените на Изборниот законик со кој би се определиле новите изборни модели за локални и парламентарни избори, тој ги најави како потенцијални теми.
„Ќе разговараме за одблокирање на сите блокирани постапки кои вчера дадоа сигнал дека може да ги решаваме, како што беше веднаш прифатен предлогот на опозицијата од страна на претседателот на Собранието и парламентарното мнозинство, да се стави приоритет на гласањето на законите кои значат поддршка помош и поддршка за населението, за работниците, за компаниите. Веројатно тоа треба да ни биде охрабрување да се најде решение за сите други проекти кои се блокирани во Собранието“,
рече Заев.
Како пример тој ги наведе економските проекти, како што е тој за енергетска ефикасност, отворањето на три откупни пункта за земјоделците, трамвајот на тркала во Скопје, Клиничкиот центар итн.
Во понеделник, рече тој, најверојатно ќе соопштат и дека постигнале договор за користење на скенери за отпечатоци од прсти на претстојните локални избори. Но, во локалните избори ќе се дискутира и за отворени листи, како и за една изборна единица на парламентарните.
„Мило ми е што во понеделник ќе можеме веројатно да соопштиме дека е најдено решение помеѓу големите политички субјекти за Изборниот законик и воведувањето на отисокот од прст. Верувам дека Собранието многу бргу ќе го стави на дневниот ред за да го решиме тоа прашање затоа што имаме уште работа во Изборниот законик, а тоа е да ги вградиме препораките на ОБСЕ/ОДИХР, а и да ги определиме изборните модели. Се залагаме за отворени листи за локалните избори каде граѓаните ќе може да го изберат советникот од листата на советници. Би требало да ја отвориме и конечно да ја затвориме успешно демократизацијата на државата преку новиот модел на гласање за парламентарни избори преку една изборна единица која ќе им даде можност на помалите партии да бидат посоодветно застапени во парламентот“,
рече Заев.