Премиерот Зоран Заев вчера ја имал првата средбата во новиот мандат со американската амбасадорка Кејт Брнз, соопштија од Владата.
Таа му честитала за реизборот и порачала дека се подготвени соработката да ја кренат на повисоко ниво, со поддршка за директни инвестиции од САД во земјава.

„Амбасадорката Кејт Брнз во разговорот со претседателот на Владата Зоран Заев истакна дека ова е прва нивна средба како НАТО-сојузници и додаде дека нејзината земја е подготвена односите меѓу двете земји да ги подигнат на следно ниво со поддршка за директни инвестиции од САД, како и во соработката во сферата на енергетиката, дигиталната економија и сајбер-безбедноста согласно безбедносните стандарди на НАТО“,
соопштија од Владата.
Заев, пак, порачал дека овој мандат го започнува поинаку од претходниот, односно дека сега сме земја членка на НАТО и со решени спорови со соседите.
„Владата останува силно посветена на стратегиското партнерство со САД кое ќе продолжиме да го негуваме со нова енергија и решителност во создавање подинамичен економски раст, одржлив развој, модерно образование, ефикасна правна држава и силни институции за борба против корупцијата“,
истакнал Заев на средбата.
Зборувале и за состојбата со ковид-19, за која премиерот рекол оти е убеден дека ќе се справиме успешно со пандемијата, имајќи ги предвид соработката со САД и останатите сојузници од НАТО.