Тој одговори и на барањето на ВМРО-ДПМНЕ и македонскиот парламент да донесе декларација со која ќе се спротивстави на бугарскиот меморандум. Порача дека негово лично мислење е оти тоа не е потребно и тоа не е решение, но ако Собранието реши, нека дискутира за тоа
Премиерот Зоран Заев е уверен дека ќе се најде решение за несогласувањата за Гоце Делчев со Бугарија, но македонскиот јазик, кој е дел од идентитетот, како што вели, треба да биде надвор од какви било разговори.
Тој најавува дека ќе се однесуваат внимателно и ќе останат ориентирани кон градење пријателска атмосфера по меморандумот што официјална Софија го испрати до земјите членки на ЕУ, а во пресрет на првата меѓувладина седница на земјава со ЕУ, која се очекува до крајот на годината.
„Низ пријателски разговори, убеден сум дека ќе изнајдеме решение. Ова е проблем на шестата историска личност или на четвртото историско поглавје кое е пред нас, за кое треба да разговараме, а верувам дека идентитетските прашања треба да бидат надвор од какви било разговори, затоа што и мојот пријател Борисов и другите политичари интелектуалци се обраќаат кон македонскиот народот, зборуваат дека постои македонскиот јазик и тука нема никакви дилеми. Да оставиме простор низ разговори, внимание и пријателство да изнајдеме решение за овие чекори за не се доведе во прашање следниот чекор на нашиот процес за интеграција во ЕУ“,
рече Заев на денешната прес-конференција.
Тој вели дека официјалниот одговор на македонската страна е ставот што вчера го објави Владата, и го повтори.
Со Република Бугарија, рече, сме сојузници во НАТО и имаме заедничка обврска и должност да ги подобруваме добрососедските односи, меѓусебната соработка и да градиме пријателство.
Правото на самоопределување и самоидентификација, нагласи Заев, се темелни европски вредности и цивилизациски придобивки.
„Посебноста на македонскиот јазик и македонскиот етнички идентитет се неспорен факт, македонскиот јазик е составен дел од личната карта на Северна Македонија во Обединетите нации и дел од многуте прифатени признаени модерни јазици кои се изучуваат на универзитетите во целиот свет. Во 21 век во Европа прифаќањето на минатото, но и на сегашноста се одраз на одговорна и зрела политика и вистинско градење пријателство. Тврдењата и изјавите кои содржат навреди не водат кон вистинско пријателство. Пријателството е двонасочна улица и најмногу зависи од нас самите, од нашето почитување на европските вредности и принципи. Договорот за пријателство, добрососедство и соработка е одраз на заемното почитување и пријателство и подразбира и бара одговорност и учество од двете страни“, изјави Заев.
Ние ќе продолжуваме во пријателски дух, порача премиерот, и ќе останеме комплетно внимателни во наративот затоа што може да се најде решение од кое двете страни ќе излезат како победници.
Тој одговори и на барањето на ВМРО-ДПМНЕ и македонскиот парламент да донесе декларација со која ќе се спротивстави на бугарскиот меморандум. Порача дека негово лично мислење е оти тоа не е потребно и тоа не е решение, но ако Собранието реши нека дискутира за тоа.
„Јас лично сметам дека парламентот не треба да носи резолуции или декларација затоа што веројатно следно е нова од бугарскиот, па следна од македонскиот парламент. Ова не води кон решение. Бугарскиот парламент е секако демократска институција во пријателска Бугарија и носи одлуки. Веројатно, се чувствува притисокот и во Бугарија по ова прашање. Тоа е мој личен став, секако парламентот е над мене како премиер и над Владата. Ако пратениците одлучат, секако можат да дискутираат“,
рече Заев.