Наскоро Владата ќе предложи нов пакет финансиска поддршка за компаниите што трпат последици од пандемијата.
Премиерот Зоран Заев, пред средбата со Сојузот на стопански комори, најави дека четвртиот пакет мерки и сите следни ќе бидат дефинирани во разговори со коморите, синдикатите и другите чинители, по што најверојатно тие ќе бидат претставени и пред Собранието, бидејќи веќе нема вонредна состојба и нема владини уредби.
Заев истакна дека тој процес мора да се забрза затоа што на бизнисот итно му треба поддршка.
„Предвидувањата се дека во следните шест до осум месеци кризата ќе продолжи и целиот овој период мора да го поминуваме заедно бидејќи заедно сме посилни и помудри. Во такви околности почнуваме со дискусија и дебата за креирање нови пакети за економијата и за граѓаните“,
рече Заев.
Одговарајќи на новинарско прашање, тој истакна дека најверојатно ќе се продолжи и со мерката за платежни картички бидејќи, како што рече, тие се голема поддршка за пензионерите со мали пензии, за невработените лица што работат на неформалниот пазар на труд и за оние со многу ниски примања, самохраните родители, стечајните работници и други категории граѓани.
Тој, исто така, рече дека една од првите грижи на Владата е да се спречи отпуштањето на вработените од страна на работодавачите по завршувањето на мерката што ја нудеше државата за зачувување на работните места.
„Бројките на отпуштени работници неприродно пораснаа од 12-13 000 на 22-23 000, а по некои статистики и на 30 000 невработени, но не се 140 000. За нас е важно секое работно место и затоа треба да знаат деловните луѓе дека државата продолжува да помага. Сакаме да им се најдеме, но не можат да очекуваат директна помош и поддршка ако не водат грижа за својот највреден капитал, а тоа се работниците“,
рече Заев.