СДСМ остава можност за коалицирање со сите останати партии за годинашните локални избори, но, како што вели претседателот на владејачката партија, Зоран Заев, таквите соработки ќе зависат и од личностите што ќе бидат кандидати за градоначалници и советници.
„Јас како претседател на СДСМ разговарам со тројцата претседатели од албанските партии, кои се дел од владината гарнитура, но можеме да разговараме и со останатите. Некаде локалните избори се избори на личности и партиите немаат големо влијание, самата личност за градоначалник и за советник е многу важна и од нив ќе зависи дали ќе се прифатат коалициите“,
рече Заев денеска одговарајќи на новинарско прашање.
Тој вели дека локалните избори, иако се разликуваат од парламентарните и претседателските, сепак и тука ќе има соработки или коалицирање со останатите партии.
„За претседателските избори направивме најголема и најразнолика коалиција досега. Беа дел сите претставници на сите етнички заедници во земјава. Тоа го направивме и на парламентарните избори и верувам дека можеме, бидејќи во единството е силата. Ќе правиме коалиции и за локалните, но прашањето е колку во обем ќе бидат во прв круг, а колку во втор круг“,
додаде Заев.
На прашањето дали ќе има промени во Владата, со оглед на преписките во редовите на коалицискиот партнер ДУИ, Заев вели дека сега и таму стигнуваат недоразбирањата, а реконструкција на Владата нема да има.
„Драго ми е што се подобруваат односите внатре во ДУИ. Ова го знам бидејќи сум пријател со сите внатре. Тие постојано закажуваат со мене состаноци поради државни потреби и потреби на граѓаните. Еве, досега веќе девет месеци од Владата никој не побарал промени, ниту коалициските партнери ниту јавноста не побарала и мислам дека нема потреба од промени“,
рече Заев.