Извештајот на Европската комисија (ЕК) за нашата земја и економско-инвестицискиот пакет за Западен Балкан, според премиерот Зоран Заев, придонесуваат да се создаде силен политички момент за конечен исчекор во европската агенда и отпочнување на преговарачкиот процес според новата методологија.
„Јас како премиер заедно со министрите ќе ги искористиме укажувањата на ЕК за проверка на нашите акциски планови и стратегии од првиот кластер од поглавјата за преговори посветен на темелните вредности кои натаму ќе се преточат во преговарачките позиции на нашата земја“,
изјави Заев.
Премиерот на заедничка прес-конференција со еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји оцени дека Извештајот дава јасна слика за состојбите во земјата – го забележува напредокот и ги нотира областите каде што се потребни дополнителни напори за усогласување со европските стандарди.
Покрај тоа што пакетот документи од ЕУ објавен вчера е важен за отпочнување на преговорите, Заев вели дека е добро и што тој доаѓа во период кога се реафирмира програмата на новата влада и ќе може поефикасно да се планираат ресурсите.
„Дополнително, особено важен момент е што извештајот се објавува во период на реафирмирање на реформските чекори и програмата на новата влада и претставува одлична алатка за прецизно дефинирање на приоритетите и секторските планови во наредниот период. На овој начин се создава силна синергија и комплементарност, поефикасно планирање на неопходните ресурси и подобро фокусирање на целиот општествен потенцијал за испорака на конкретни резултати“,
изјави Заев.
Заев и денеска, како и во вчерашната прва реакција, потенцираше дека ЕК ги објави извештаите во амбиент кога вниманието е насочено на процесот на проширување на ЕУ и кога течат дискусиите за преговарачката рамка со Северна Македонија и се очекува првата меѓувладина седница.
Тој упати посебна благодарност до Вархеји и за економскиот и инвестициски план за Западен Балкан, кој предвидува финансиска поддршка од 9 милијарди евра. Тој економски пакет, според Заев, е од голема важност бидејќи ќе се придонесе за развој на приватниот сектор, транспортното и енергетско поврзување на регионот и за дигитализација.
Владата, рече премиерот, веќе доставила листа на созреани национални проекти до ЕК за кои ќе се бара поддршка и меѓу нив се проекти кои се однесуваат на отпадните води, гасоводната и инфраструктурната мрежа, Коридорот 8 итн.