Еврокомесарот за проширување повика на трпение и побара да ѝ се остави простор на дипломатијата
Не би драматизирал околу ова прашање, иако прашањето е сериозно. Вака денеска еврокомесарот Оливер Вархеји ги коментираше несогласувањата меѓу Скопје и Софија, на новинарско прашање дали ЕУ ќе посредува во нивно надминување.
„Јас само можам да го повторам тоа од вчера, дека од интерес на Бугарија и на РСМ е да најдат решение за овие прашања бидејќи, без брзо да се разјаснат тие недоразбирања, ќе биде тешко да се придвжат работите. Ова е моментот да се постигне договор“,
рече Вархеји, кој не одговори дали со ваквите барања, со оспорување на идентитетски прашања како јазикот, Бугарија го крши основниот постулат на ЕУ за самоопределување.
Вархеји рече дека кај премиерите Заев и Борисов гледа посветеност, а се надева дека тие како ЕУ ќе помогнат колку ќе можат за да се најде решение.
Тој, исто така, не одговори дали Бугарија е осамена во ваквите барања или има и други земји членки што го мислат истото. Само рече дека процесот на преговори е веќе познат и мора да се добие согласност од секоја земја членка, но се надева дека ќе може да се продолжи според планот – во рамки на германското претседателство да се одржи првата меѓувладина конференција со РСМ и Албанија.
Во тој контекст само повика на трпение и да ѝ се остави простор на дипломатијата.
„Јас сум свесен за чувствителноста и би ве замолил за трпение и да се остави дипломатијата да функционира, како што беше со Преспанскиот договор и слични и сериозни прашања. Да веруваме дека добрососедските односи меѓу РСМ и Бугарија ќе донесат решение“,
рече Вархеји.
Во однос на тоа кога може да се очекува преговарачката рамка, тој рече дека неа ќе ја донесе Советот.
„Се движиме според планот“,
беше дециден еврокомесарот Вархеји.