Во интервју на Канал 5, премиерот рече дека се размислува летово на српските граѓани да им се овозможи да патуваат низ земјава без да плаќаат за патарини, за да им се оддолжиме за пријателскиот гест со вакцините
Откако Мицкоски го поправи прозорецот, условите на Инфективна навистина се подобри, иронизираше премиерот Зоран Заев, во вечерашното гостување на Канал 5, одговарајќи на обвинувања за лоши услови во ковид-центрите и наводи дека опозицискиот лидер го поправал прозорецот на Инфективната клиника, кога беше хоспитализиран таму поради ковид-19.
Заев рече дека во изминатиот период многу се инвестирало во реконструкција на здравствените домови, а за Мицкоски рече дека е добро ако го поправил прозорецот, со оглед на тоа дека е инженер.
На прашање како дојде до договорот со Христијан Мицкоски во Клубот на пратеници, со оглед на тоа што претходно велеше дека не може да се разговара со сегашниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Заев одговори: „Шуќур. Сега да видиме дали и колку ќе се спроведе тоа што го договоривме“.
Тој нагласи дека на средбата со Мицкоски најмногу разговарале за пописот и дека неговиот првичен предлог бил процесот да се одложи за две седмици, додека попишувачите да ја примат првата доза од вакцината против ковид-19. Но Мицкоски инсистирал дека мора да се примат две дози за да се стекне имунитет.
Во однос на вакцинацијата, Заев вели дека државата направила се за да обезбеди вакцини и оти овој месец ќе стасаат дополнителни количини со кои ќе се овозможи непречено да продолжи процесот на вакцинација. Тој го поздрави пријателскиот гест на Србија која на земјава и донираше вакцини и најави дека Владата ќе се оддолжи за тоа.
„Никако не можеме да го минимизираме чинот на солидарнос и на хуманост од страна на Србија. Тоа што го добивме во моментот од Србија како донација ни е доволно за периодов. Зборував со Израел, со Британија, Франција, значи нема каде не сме се обратиле, но ете нашиот сосед ни излезе во пресрет. Не можете да се раздолжите кон ваков чин пријателство. Се размислува летово на возилата со српски регистрации да им поделиме картички за патарини, за да не плаќаат, да се оддолжиме некако, иако тоа нема цена. Сепак, Србија дала пари на граѓаните за тие вакцини“,
рече Заев.
Тој нагласи дека овој пат помалите држави ја почувствувале нерамноправноста на распределбата во однос на вакцините.
„Ковакс има 142 држави. Ние плативме 1,2 милиони евра за да го изградиме тој систем, значи сме дале пари за тој систем, ама доцнеше испораката на вакцините. Дефинитивно, ако САД боцкале над 100 илјади граѓани дневно можеле да кажат еве 2 000 – 3 000 вакцини за Северна Македонија. Ако Германија давала по 50-60 илајди во ден можеле и тие 2 000 до 3 000 да издвојат за нас. Но така е кога одлучуваат политичарите кои се под притисок на јавноста. И ние не можеме да влегуваме во кавги затоа што ниту нешто ќе смениме, ниту ќе имаме повеќе вакцини на тој начин“,
изјави Заев.
Тој направи збир на сите вакцини што ги очекуваме во државата, а тоа, како што рече, се вкупно 2,6 милиони, што би биле доволни за вакцинација на 1,3 милиони граѓани, што, според него, е солидна бројка.
„Фајзер го потврди договорот. Очекуваме првите 10 000 вакцини да стигнат деновиве, до 15 април. Инаку, имаме нарачано 800 илјади од Фајзер. Исто така, 800 илјади од Ковакс системот, потоа имаме по 200 илјади од кинеската и руската вакцина, 100 илјади имаме преку системот на ЕУ, и потоа уште 500 илјади кинеска вакцина од другиот производител. Вкупно имаме 2,6 милиони вакцини и очекувам дека сега нема да има прекин во имунизацијата, односно дека процесот е започнат и ќе трае се додека не се вакцинираат поголем дел од граѓаните“,
рече Заев на Канал 5.