Со дополнителен рок од седум дена, надлежните институции ќе проверуваат дали мазутот што се увезувал во земјава бил и извезен како мазут од земјите од кои доаѓал.
Ова го соопшти премиерот Зоран Заев денеска одговарајќи на новинарско прашање околу скандалот со увоз на сомнителен мазут.
Заев рече дека ќе се изготват компаративни анализи за да се види дали земјите кои извезувале за компании во С Македонија го декларирале продуктот како мазут или како отпадно масло, а подоцна да бил променет тарифниот број и во земјава влегло како мазут.
„По дискусијата на вчерашната седница на Влада, дадовме дополнителни задачи, на пример, да се направи споредба на тоа што е излезено од земјите преку компаниите и што е влезено во нашата земја. Доколку кај нас е влезено како мазут, да се спореди дали е излезено како мазут и од земјите извознички или е излезено како отпадно масло, а потоа е променета декларацијата или тарифниот број, па кај нас влегло како мазут. Се бараат дополнителни начини како да се прават контролите на нафтата и нафтените деривати и да не полагаме само надеж на приватните лаборатории, туку и на државните лаборатории. Конечниот сублимат ќе биде соопштен за седум дена“,
рече Заев.
Рокот од две недели што Владата им го даде на надлежните институции за да го проверат увозот и користењето на сомнителниот мазут по сторијата на Истражувачката репортерска лабораторија истече вчера, но дадени се дополнителни седум дена за попрецизни податоци кои ќе ѝ бидат соопштени на јавноста.
„Вчера реферираа министерот за економија, министерот за животна средина, директорот на царина и директорките на Пазарен и на Инспекторат за животна средина. Не се најдени наоди за сулфур повеќе од дозволениот 1 процент, но се најдени повеќе количини на вода од дозволеното во мазутот, најдено е и дополнителна недозволена прашина“,
рече Заев.
Тој соопшти дека се утврдени и несоодтветни резерви на мазутот, кои се регулираат со закон и правилникот на Министерството за економија.
„Соодветно на тоа, самите инспекторати издаваат решенија и ги препраќаат до другите надлежни институции, како што е Регулаторната комисија за енергетика. Таа е задолжена да ги контролира неопходните залихи“,
додаде Заев.