Премиерот вели и дека очекува успешни попис во април и избори во октомври, и тоа со отпечаток од прст
Две опции за надминување на опозициските блокади во парламентот спомна денеска премиерот Зоран Заев и посочи дека работата на законодавниот дом, најчесто, се кочи со поднесување илјадници амандмани на одредени закони и во комисиите со кои раководат пратеници од ВМРО-ДПМНЕ.
Еден начин за деблокада, според него, е да помогнат медиумите, така што објективно ќе ги изнесат причините за блокадите во законодавниот дом.
„Очекувам медиумите да ги изнесат вистинските причини за блокадата. Дека никој не добива ништо со тоа што се кочи донесувањето на законите за трамвајот во Скопје или за енергетска ефикасност, како и на неколку закони од областа на економијата. Тоа е само на штета на граѓаните и на економијата во земјава“,
оцени Заев.
Тој рече дека другиот начин е дијалог со политичките чинители во законодавниот дом.
„Ако треба, ќе свикам лидерска средба со опозициските партии, посебни или заедничка средба со лидерите. Ова што се случува навистина нема крај. Затоа што албанската опозиција поднела амандмани на закон на ВМРО-ДПМНЕ, сега оваа опозициска партија возвраќа со илјадници амандмани на закон на Алијансата“,
рече Заев посочувајќи на законот за добивање државјанство што го поднесе АА, а ВМРО-ДПМНЕ го блокира со амандмани.
Во однос на законот за државјанство, Заев посочи дека треба да се регулираат процедурите за добивање државјанство, ама дека тоа треба да биде во согласност со европската пракса, а не со сведоци. Со сведоци, додаде, се оди пред матичар.
Премиерот денеска уште еднаш ја отфрли можноста за одложување на пописот, чија теренска фаза е закажана за почетокот на април. Тој посочи дека годинава нема друг термин за попишување, со оглед на тоа што летото не е поволно време за спроведување на операцијата, а во септември веќе почнува кампањата пред локалните избори во октомври.
„Што ако повторно го одложиме пописот? И за кога да го одложиме? За уште 10 години? Точно е дека има земји што одложија попис, ама тие имаат последни податоци од пред 10 години, а ние од пред 20 години“,
рече Заев и посочи дека овој пат пописот е олеснет, не само кај нас, туку и во други земји, затоа што не се попишуваат податоци од базите, но, нагласи, има и податоци надвор од базите, како верската или етничката определба.
За изборите рече дека очекува дека ќе се одржат со идентификација на гласачите преку отпечаток од прст, а за наводите на ВМРО-ДПМНЕ дека владејачките партии барале враќање на УВ-лампата и на спрејот посочи дека тоа се однесувало на ридско-планински места и во ситуации кога нема интернет.
„Досега имавме избори без отпечаток од прст и тие беа легални. Се надевам дека претстојните избори ќе бидат со отпечаток и сакаме да се спроведе тоа, но треба да се има предвид дека Изборниот законик се менува со консензус – најмалку меѓу партиите што имаат свои членови во ДИК. Таа дилема треба да ја разјаснат работните групи за Изборниот законик, а јас се надевам на успешни избори во октомври со отпечаток од прст, со што ќе се зголеми довербата во изборните резултати“,
рече Заев.