Деновиве, кога коалицијата „Алијанса за Албанците/Алтернатива“ очекува свикување на седницата за усвојување на предлог-законот за државјанство, наместо да добиваме сугестии и предлози, премиерот Зоран Заев изјавува дека со три сведоци се склучува брак, но не се добива државјанство, реагираат од коалицијата во соопштение до јавноста.
„Иако неговиот невкусен цинизам е неодржлив, бидејќи ваквото правно средство не е туѓо во нашата пракса, сепак неговата изјава повеќе зборува за неговата потсвест отколку за неговата свест. Тоа го отсликуваа најдобро неговиот страв дека со овој закон можеби се зголемува бројот на Албанците. Затоа, нему не му пречи бројот на сведоците, туку бројот на Албанците“,
се вели во соопштението.
Од таму ја повикаа власта да го прифатат предлог-законот бидејќи, како што велат, тој е во интерес на сите граѓани, а не само во интерес на Албанците.
„A доколку има забелешки околу текстот на предлог-законот, ние сме подготвени да дискутираме на таа тема и на закажаната пленарна седница, преку амандмани, да ја усогласиме финалната верзија на текстот. Но, уште еднаш истакнуваме, цинизмот и иронијата не му помагаат на премиерот да го скрие и храни стравот дека на овој начин некои Албанци ќе се стекнат со државјанство. Дури, ако тој и неговата партија сакаат навистина да покажат дека се за граѓанска држава без никаква дискриминација врз ниту една основа, овој предлог-закон е тест токму за тоа“,
велат од коалицијата на „Алијанса/Алтернатива“.
Оваа коалиција во декември 2020 поднесоа предлог-закон во парламентот со кој, меѓудругото, се предвидува македонско државјанство да може да се обезбеди со изјави на три лица кои ќе сведочат дека барателот живеел на територијата на земјава од 8 септември 1991 година. Другата опција е изјава на само едно лице што во тој период било жител или сè уште живее во местото во кое живеел барателот.