Иако земјава е во предизборие, а официјалната кампања почнува на 23 овој месец, од владејачката партија соопштија дека во наредните денови се откажани сите настапи и средби на партиските функционери заради превентива од ширење на коронавирусот
Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, ги откажал сите активности во наредните денови. Откажани се и сите настани од партиската агенда во наредните денови, со цел да се превенира ширење на коронавирусот. Ова го соопшти денеска генералниот секретар на партијата Љупчо Николовски.
Во врска со вчерашниот конгрес на СДСМ во хотел во Скопје, на кој беа присутни повеќе стотици делегати, гости и новинари, Николовски потврди дека партиските членови претходно потпишувале изјави дека не патувале во регионите и државите што се најголеми жаришта на инфекцијата.
„При организацијата на конгресот беа почитувани сите препораки. Делегатите пред да влезат на конгресот потпишаа изјави и дека не биле во регионите што се најмногу зафатени од новиот вирус. И во наредниот период ќе ги почитуваме сите препораки на здравствените власти. Затоа и ги откажавме сите средби и активности на терен. Независно од тоа што е предизборие, сепак, јавното здравје и интересите на граѓаните се во прва план и ќе бидеме одговорни во тој поглед“,
изјави Николовски.
На политичката сцена, за наредните денови се најавени повеќе активности и јавни собири, поради тоа што течат последните денови за утврдување на кандидатските листи на партиите за парламентарните избори. Официјалната кампања, пак, треба да почне на 23 овој месец.
Комисијата за заразни болести денеска препорача „принуден распуст“ за сите образовни институции. Забрана на сите масовни собири на отворено и на затворено, а сите спортски собири да се одржуваат без публика. Доколку овие препораки бидат прифатени на владината седница, која е во тек, тие би траеле во наредните две седмици, што би значело до самиот старт на кампањата.