Ова е прво партнерство меѓу партии од двата доминантни политички кампуси во земјава на парламентарни избори
Лидерите на СДСМ и на Беса, Зоран Заев и Билал Касами, денеска во 12 часот во Музејот на современа уметност ќе го потпишат договорот за коалицирање на парламентарните избори во април. Од СДСМ потврдија дека е постигнат договор за коалицирање со Беса.
Тоа е прв договор за коалицирање меѓу партии од двата доминантни политички кампуси во земјава на парламентарни избори. Како што сè уште неофицијално се најавува, лидерот на Беса, Билал Касами, би бил носител на листа на коалицијата во шестата изборна единица. Беса би имала кандидати за пратеници во добитни комбинации и на листите во другите изборни региони со мешан етнички состав, односно во првата, втората и во петтата ИЕ.
За Заев, пак, се очекува да биде носител на листата на коалицијата во четвртата изборна единица, во чиј состав е и Струмица, каде што тој настапуваше како носител и во минатите циклуси парламентарни избори.
Иако имаше обид СДСМ да коалицира и со ДПА, покрај Беса, според партиски извори, нема ништо од договор на Заев со Мендух Тачи. Беса, пак, првично, беше во комбинација за коалиција со Алтернатива и Алијансата за Албанците, ама Касами не постигна договор со Африм Гаши и со Зијадин Села.
Договорот за коалиција меѓу Алтернатива и Алијансата беше потпишан минатата седмица.