Премиерот Зоран Заев имаше денеска проштална средба со досегашниот шеф на мисијата на ЕУ во земјава Самуел Жбогар, кому му завршува мандатот.
Со оглед на тоа што за време на мандатот на Жбогар земјава ја доби одлуката за почеток на преговорите со ЕУ, Заев му се заблагодарил на дипломатот за неговиот придонес во демократските процеси и во сите важни политички процеси во кои се отворени евроатлантските перспективи на нашата земја.
Заев, како што соопштија од Владата, констатирал дека амбасадорот Жбогар на професионално и принципиелно ниво и работејќи со срце се вложил за добрата иднина на граѓаните и државата.
На состанокот се изразени очекувања дека Северна Македонија успешно ќе ги почне преговорите со ЕУ.
Оценето е, како што се наведува во соопштението од средбата, дека е видлива нова енергија за ефективна работа по изборот на новата влада, што дава надеж дека државава ќе продолжи да работи уште поактивно и според принципите на европските вредности.
„Владата е формирана на стабилни основи и очекувам во еден полн мандат, низ заедничко работење внатре во владината коалиција и со одговорно однесување на сите политички субјекти, да покажеме резултати во квалитетот на живот на граѓаните, кон подобрување на животниот стандард и функционална правда“,
нагласил Заев.
На средбата е оценето дека граѓаните ги почитуваат храбрите и искрени одлуки на политичарите кои отвораат перспективи и дека во периодот што претстои, по затворањето на предизвиците што го блокираа развојот на државава, отворен е простор за засилен економски развој. Изразена е надеж дека успешниот пример на напредок на Северна Македонија ќе биде поттик за сите држави во регионот кон европските интеграции.