Владејачката партија вечерва одржа марш „Чекориме за правда“ кој започна од пред Собранието каде вчера беше донесен Законот за ЈО и заврши пред Кривичиот суд
„Собранието вчера отвори ново поглавје во реформите на правосудството. Огромно мнозинство пратеници застана за Законот за ЈО – 80 пратеници, граѓаните и стручната јавност, нашите пријатели од ЕУ и САД. Сега на потег е судството и затоа вечерва сме тука и чекориме за правда“, порача претседателот на СДСМ Зоран Заев од пред Кривичиот суд кој вечерва беше последната точка од маршот што го организираше владејачката партија под мотото „Чекориме за правда“.
Од бината Заев кажа дека овој закон гарантира судска разрешница на сите судски постапки од иницирани од СЈО истакнувајќи дека тој исто така обезбедува фер и транспарентна постапка, а на обвинетите ќе им се суди врз основа на докази за што индиции беа „бомбите“.

„Нема скриена амнестија за никого ниту за стари ниту за нови случаи. Секој што прекршил закон ќе се соочи со одговорност. За секој кој допрваќе го прекрши ќе има одоговорност, народот е желен за брза и ефикасна правда. Но исто така важно е што со овој се гарантира дека политичарите нема да можат да бираат обвинители и да одлучуваат за предмети. Нема веќе тефтерчиња, а тие што се одговорни за старите тефтери ќе одговараат“, рече Заев и им се обрати на делителите на правдата со зборовите: „Судии, обвинители и поротници, ослободете се“.
Тој призна дека ниту тие не се задоволни од правдата, бидејќи застарувале предметите, но како што рече владата и парламентот направиле се што е потребно, наместо тоа да се прави преку телефонски повици како претходната власт.

„Тоа е важно за правдата, за државата и еднаквоста на сите граѓаните пред законите. Со ова не само што забразно чекориме кон правда, туку и кон ЕУ. Даваме аргумент плус пред нашите сојузници за толку очекуваниот прочеток на преговорите – дека можеме да спроведеме реформи битни за државата, за нашата европска иднина. На ред е сега ЕУ и нејзините земји членки“, рече Заев.
Тој им честиташе на пратениците кои вчера го изгласаа Законот за ЈО, истакнувајќи дека единствени кои не го поддржаа се „извршителот Мицкоски и нарачателот Груевски“, истакнувајќи дека сегашната опозиција и кога била власт ја блокирала правдата.
Пред него на учесниците на маршот им се обрати Џабир Дерала од невладината „Цивил“ кој потсети дека бил дел од протестите за уривање на претходната власт за да има правда и упати порака до сегашната власт:
„Сите очекувавме да чекорите похрабро. Со сето разбирање за 49-те пратеници и насилството во Собранието на 27. април, за жестоката пропаганда, опструкциите и преговорите и за овој и за други закони, сепак можевте похрабро и побрзо. Овој закон нека биде уште еден поттик и гаранција – од вас очекуваме правда. На овој ден дојдов со сите вас да чекорам за правда, да ја земам пораката од законодавниот дом и да ја донесам тука пред судот“, рече Дерала.

Дерала потсети дека меѓу оние 80 пратеници кои вчера гласаа за Законот имало од сите бои, алудирајќи на нивната партиска припадност и ги критикуваше пратениците од ВМРО-ДПМНЕ кои како единствена забелешка ја истакнале процедурата, односно дали требало или не Бадентерово мнозиство.

„Обвинети за криминал се погрижија да кажат дека Бадинтеровото мнозинство, односно процедурата не била испочитувана. Оние поради кои тоа беше донесено. Со години марширавме како вечерва за правда. Тие што влечеа луѓе за уши, поради кои секојдневно повикува на етничко чистење, на предавниците, кои ги мразат своите соседи и ги навредуваат со најгнасни изрази, тие бараат процедури. Но тоа беше само еден последен очајнички обид. Државата беше заробена поради тоа што беше заробено судството од началниците, кога човечките судбини беа запечатувани со еден телефонски повик од фамилијата. Епа помина тоа време“, рече Дерала.

Пратеничката Соња Мираковска која беше дел од оние кои гласаа за Законот за ЈО рече дека од денеска судството има добар закон и слобода и обврска да настапува достоинствено, слободно и професионално.