Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, на средба со германската амбасадорка во земјава, Анке Холштајн, ја информирал дека СДСМ води процес на разговори преку кои ќе обезбеди сигурно и стабилно парламентарно мнозинство и нова Влада која ќе работи во интерес на граѓаните, соопштија од партијата.
„Ќе обезбедиме нова, одговорна Влада со полн четиригодишен мандат. Заради преговорите со ЕУ, заради предвидливоста и економската сигурност, потребно е стабилно парламентарно мнозинство и формирање на стабилна одговорна Влада која ќе движи брзо напред. Развој и унапредување на економијата и реформи во правосудството ќе бидат врвните приоритети на новата Влада предводена од СДСМ и тоа ќе го покажеме уште во првите сто дена од мандатот“,
порачал Заев.
Амбасадорката Холштајн упатила честитки за „успешно организираните фер, слободни и демократски избори на 15 јули“. На средбата таа изразила уверување дека Германија продолжува уште повеќе посветено да ја поддржува Република Северна Македонија во остварување на стратешката цел – членството во Европската Унија.
Заев истакнал дека Северна Македонија нема поголем пријател и посилен поддржувач на евроатлантскиот пат од Германија.
„Навистина сме благодарни на поддршката што сите овие години ја добиваме од Германија, не само од канцеларката Ангела Меркел, туку и од министри за надворешни работи, од членови на Бунедстагот, од германски европратеници. За нас е чест и привилегија на европскиот пат да имаме силен и искрен сојузник како што е Германија. Убедени сме дека преку реформите, преку Берлинскиот процес кој за првпат ќе го водиме ние како држава кандидат, ќе ги дадеме сите аргументи за отворање на преговори додека трае германското претседавање со Унијата“,
порачал Заев.