Продолжуваат предизборните препукувања меѓу актуелните владејачки партнери СДСМ и ДУИ. Социјалдемократите се надеваат на победа и тоа со стабилно мнозинство по изборите, за, како што рече денеска Зоран Заев, да се завршат работите дома. Вели дека процесите во државата зависат од секој, вклучително и од опозицијата. Смета дека Албанците мора соодветно да бидат застапени и во парламентот, но, испрати конкретна порака и до ДУИ за скандалите поврзани со функционери од таа партија.
„Не може да дозволиме дивоградби во Охрид кој како сака, не може на Матка кој како сака да гради, не може да нема одговорност и отчетност за важните проблеми на граѓаните. Во еден дел и граѓаните ни кажаа ОК, ЕУ, НАТО, договорот од Преспа, со Бугарија, се решаваат крупни работи, но, сега нема да ни прогледаат низ прсти“, рече Заев.
Портпаролот на ДУИ, Бујар Османи, за емисијата „200“ на Алсат вели дека сите изјави кои доаѓаат дури и од претседателот на актуелната коалициска партија, се во функција само на изборна реторика.
„Во овој период вие ќе слушате многу изјави кои се во функција на изборите. Принципот кој го има нашата партија е да не се занимаваме со такви изјави. Знаеме дека изборите се мотивот и дека тоа нема ништо со ставот на партиите“, рече Османи.
Препирките меѓу ДУИ и СДСМ се интензивираат откако Заев објави предизборна коалиција со Билал Касами, односно движењето Беса. Сепак, и покрај заострената реторика, ниту СДСМ ниту ДУИ кои беа прашани во неколку наврати не ја исклучуваат опцијата за евентуална постизборна коалиција за формирање влада.