Она што ВМРО-ДПМНЕ го прави деновиве е лажен патриотизам само за да дојде на власт, изјави денеска премиерот Зоран Заев одговарајќи на новинарско прашање да ги коментира ставовите на лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски за преговорите со Бугарија, за решавање на проблемот што го отвори Софија, оспорувајќи го нашиот јазик и ставајќи вето на усвојувањето на преговарачката рамка со ЕУ.
„Сето она што го прават овие денови е само за доаѓање на власт и ништо друго. Наводна борба да се заштитат македонскиот идентитет и македонскиот јазик кои, нели, ги изгубивме со Преспанскиот договор, што само по себе потврдува дека не е точно и е лажен патриотизам и апсолутно е на штета на државата“,
изјави Заев денеска во Неготино.
Тој најави дека Владата продолжува со досегашната политика на подавање рака и посветеност да се постигне решение ако е можно и сега, и до последен момент.
„Сите сме свесни дека разговорите треба да продолжат, без разлика на исходот на 8 и 10 или 18 декември, кога ќе се носат одлуките во Брисел, и да градиме пријателство и соработка и да ги решаваме проблемите кои се појавија пред кратко време. Треба да продолжиме и со имплементација на договорите, и тој од Преспа и овој за пријателство со Бугарија“,
рече Заев.
Уште еднаш повтори дека никој не преговара за македонскиот идентитет и за македонскиот јазик, бидејќи, тоа е наше право на самоопределување, нашиот јазик е признаен во светот.
„Преговараме за работите од каде што почна проблемот. Долгото и краткото име. Дали Северна Македонија има аспирации кон Бугарија или не. Утврдивме, како што го решивме во НАТО така и во ЕУ, преку нота, во која потврдуваме дека Северна Македонија нема територијални претензии и за мешање во внатрешните работи и малцинските права, затоа што и Бугарија нема, и тоа е меѓународно регулирано. Секако, и решението за јазикот, бидејќи тука дојде реакцијата од страна на Бугарија. Ние го имаме решението и тоа за Бугарија – македонскиот јазик значи македонски јазик согласно Уставот, за ЕУ македонскиот јазик е чиста работа. За нас бугарскиот јазик значи бугарски јазик согласно Уставот на Бугарија. Ама во 21 век да ставаме вакви билатерални клаузули навистина не е во ред и убаво е да се направи исчекор од страна на Бугарија, која неколкупати кажува дека ја прифаќа реалноста, ги признава македонскиот јазик и народ, но ајде да го утврдиме минатото“,
изјави Заев.