Лидерот на СДСМ вели дека за него е битно овој и неколку други клучни закони да се гласаат во Собранието, но ако опозицијата тоа го блокира ќе се одложи распуштањето, но не и изборите
Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, денеска најави дека доколку опозицијата го блокира изјаснувањето на Собранието за законот за ЈО, распишувањето на изборите и распуштањето на парламентот ќе се одложат. Но не и самите избори.
„За мене е многу важно да се гласа за законот во парламентот и притоа тој може да се донесе или да не се донесе. А на 12 февруари тој треба да се распушти. Но, доколку опозицијата се обидува да го минира или да го блокира гласањето за него, тогаш нормално дека парламентот нема да се распушти сè додека не заврши процесот на изјаснување и по законот за ЈО и за Протоколот за НАТО или за законот за одбрана и сличните закони“,
изјави денеска Заев по сведочењето за случајот „Монструм“.
Тој истакна дека сите овие закони се дел од агендата за која се договориле да бидат ставени на изјаснување во парламентот.
„Ако некој го прекрши тоа, нормално дека распишувањето на изборите и распуштањето на парламентот нема да се случат“,
рече Заев.
Тој притоа објасни дека ова нема да значи одложување на изборите, кои се закажани за 12 април, бидејќи, како што објасни, тие се распишуваат и парламентот се распушта од 40 до 60 дена пред денот на изборите.
„Имаме простор од 15 дена за распишување на изборите и распуштање на парламентот, како што тоа го предвидуваат законите и Уставот“,
рече Заев и изрази надеж дека сепак сè ќе се заврши до 12 февруари.