Кинеската влада воведе нови правила за патување за да се спречи повторно ширење на ковид-19 и препорача да се избегнуваат „неважните патувања“.
Кинеската национална здравствена комисија, за да ги обесхрабри луѓето да патуваат, воведе за граѓаните што ќе ги посетат руралните подрачја задолжително да имаат негативен тест на ковид-19 не постар од седум дена, а по враќањето треба да поминат 14 дена во домашна изолација.
Дел од локалните власти воведоа уште построги правила и наместо домашен карантин по враќањето ќе треба да поминат две седмици во државен карантин.
Препораката на владата е со цел да се спречи стотици милиони луѓе да се упатат кон своите домови за заедно со семејствата да ја прославата Кинеската нова година.
Лунарна нова година, позната и како Пролетен фестивал, е најважен празник во кинескиот календар, а прославата трае 15 дена, за време на кој голем број Кинези патуваат од еден на друг крај на земјата кај своите семејства.
Кинеската национална комисија за здравство објави дека од 16 декември во земјата не е забележан ниту еден случај на локална трансмисија на ковид-19 и сите 14 нови случаи се увезени.