Никој тука не ни помислува на друга опција освен чист, дефиниран и деклариран македонски јазик во преговарачката рамка. Но, за останатото треба да засукаме ракави, да преговараме, да разговараме, да сработиме, порачува Забрчанец
Не смееме да се плашиме од преговорите за членство во ЕУ. Напротив, треба со засукани ракави да ја зграбиме секоја можност за чекор напред кон членство во Унијата, порачува националниот координатор на Владата за Отворен Балкан и за регионални иницијативи, Марјан Забрчанец.
Според него полесен или алтернативен пат нема, а сите идеи дека има некако заменски план се опасни планови на, како што вели, антизападните центри кои земјава сакаат да ја носат во режими и изолации.
Забрчанец порачува дека во услови кога македонскиот јазик и идентитет се загарантирани глас против отворањето на преговорите е глас против евроатлантската определба на државата.
„Нашата позиција е јасна: гаранција за македонскиот јазик и идентитет. За тоа сигурен сум дека ќе се избориме, зашто друга опција не постои и никој тука не ни помислува на друга опција освен чист, дефиниран и деклариран македонски јазик во преговарачката рамка. Но, за останатото треба да засукаме ракави, да преговараме, да разговараме, да сработиме. Ни Преспа не ни падна од небо, си ја сработивме и уште реализираме обврски од Договорот, бидејќи тоа подразбира да се биде одговорна власт. Гласот против отворање на преговорите со ЕУ во услови на гарантиран македонски јазик и идентитет е глас против демократската и европска агенда на Македонија и глас против нашата западна евроатлантска определба. Гласот против Европа е пропратен со руски знамиња и вергини“,
наведува Забрчанец.
Премиерот Димитар Ковачевски, пак, претходно се огласи на социјалните мрежи за францускиот предлог и порача дека за нас е прифатлив само предлог во кој меѓудругото ќе биде гарантиран македонскиот јазик, а историските прашања нема да бидат критериуми во преговарачката рамка.
„Каков и да биде конечниот усогласен текст на францускиот предлог, посочувам дека, за истиот да биде прифатлив за нас, клучни се следниве елементи: чиста формулација за македонскиот јазик во преговарачката рамка и јасна заштита на македонскиот идентитет; историските прашања не можат да бидат критериуми во преговарачката рамка; преговорите помеѓу Северна Македонија и ЕУ мора да почнат пред отпочнувањето на постапката за уставните измени за вклучување на Бугарите, Хрватите и Црногорците во преамбулата на Уставот; цврсти гаранции и од Бугарија и од Европската Унија дека Бугарија нема да условува со нови барања, надвор од она што ќе биде договорено во преговарачката рамка и билатералниот протокол кој сè уште не е усогласен со Бугарија; секое решение ќе треба да е консултирано со институциите на Република Северна Македонија“,
наведе Ковачевски.