Кампањата почнува на 23 март, а претседателот на ДИК очекува партиите да се придржуваат кон мерките за превентива од коронавирусот
Претседателот на Државната изборна комисија Оливер Дерковски очекува дека партиите ќе се придржуваат до препораките во врска со јавните собири во контекст на превентивата од коронавирусот, за што денеска на седница одлучува Владата.
„Се надевам ќе ги почитуваат одлуките на Владата. Ситуацијата е таква во која мора сите да внимаваме и да се однесуваме одговорно. Се надевам дека ќе се однесуваат одговорно во целата ситуација“,
рече Дерковски.
Владата, како што најави претходно министерот за здравство Венко Филипче, денеска на седница ќе одлучува дали ќе забрани масовни јавни собири, без разлика дали се организираат на отворен или затворен простор, како спортски настани, со цел превенција на ширење на коронавирусот.
Кампањата за предвремените парламентарни избори почнува на 23 март, а препораките на здравствените власти кои, меѓу другото, предвидуваат и забрана за масовни јавни собири, според најавите би траела најмалку една седмица.