Главно, вели министерката за образование и наука Весна Јаневска, намалени се квотите за упис на струките бизнис-администрација, јавна администрација, како и дел од студиските програми на економските, правните и медицинските факултети. Кај овие струки, вели таа, се јавува поголем број невработени поради заситеноста на пазарот на труд
Квотите за упис на студени во прва година на сите универзитети во земјава намалени се за околу 2 000 места, особено за струките кај кои се јавува поголема невработеност поради заситеноста на пазарот на труд.

Главно, вели министерката за образование и наука Весна Јаневска во интервју за МИА, намалени се квотите за упис на струките бизнис-администрација, јавна администрација, како и дел од студиските програми на економските, правните и медицинските факултети. Кај овие струки, вели таа, се јавува поголем број невработени.
„За разлика од тоа, останаа речиси идентични техничките струки, информатиката, машинството, градежништвото, таму е вработливоста на одлично ниво и достигнува некаде до 98-99 проценти“,
вели Јаневска во интервјуто за МИА.
Министерката е уверена дека сите студенти ќе си го најдат местото каде што сакаат да студираат.
Од оваа академска година, вели Јаневска, за студенти вратите ќе ги отворат реконструираните студентски домови „Стив Наумов“ и „Кузман Јосифовски-Питу“ во Скопје. Сместувањето во „Стив Наумов“ ќе биде од 1 октомври, а во „Кузман“ на почетокот на ноември. Потоа ќе следува втората и третата фаза од етапната реконструкција на студентските домови низ државата. За сите реновирани домови сместувањето ќе биде по нова цена. Сега тоа ќе важи само за „Стив Наумов“ каде што износот од сегашните 3 500 денари е зголемен на речиси 6 000 денари.
„За малата партиципација имавме забелешки и од Државниот завод за ревизија, каде што се побара да се разгледа повторно прашањето за учеството и на студентите и на државата. Овој проблем 20 години не е решен. Зошто четворица министри пред мене во последните седум години не се зафатиле да го решаваат проблемот, јас не би знаела да кажам, но моменталниот модел не е добар и е неиздржлив“,
вели Јаневска.
