Во инцидентот уапсени се шест лица, а 10 полицајци се повредени, велат од софиската полиција
Запалена и намачкана со црвена боја е вратата од зградата на Европската комисија во Софија. До дошло за време на протестот на приврзаниците на партијата Преродба кои денеска се собраа пред зградата на Бугарската народна банка и демонстрираа во одбрана на бугарскиот лев и против воведувањето на еврото, пренесуваат бугарските медиуми.
Поддржувачите на крајнодесничарската бугарска партија Преродба од Бугарската народна банка протестот го продолжиле до зградата каде е сместена Европската комисија во Софија и фрлале црвена боја врз неа и димни бомби, а дошло и до судир со полицијата.
Во инцидентот, според Стефан Иванов, заменик-директорот на софиската Управа за внатрешни работи, уапсени се шест лица, а 10 полицајци се повредени.
„Имаше протест од партијата Преродба. Тие тргнаа на спонтан марш до Европската комисија како нивна крајна дестинација. Ги пренасочивме силите, воспоставивме кордони и ги презедовме сите мерки за да ја обезбедиме самата зграда. По пристигнувањето на местото на настанот, дојде до провокација од протестот, полициските службеници не извикуваа ништо провокативно и не покажаа дека може да дојде до ваква провокација од наша страна. Тие почнале да фрлаат јајца полни со црвена боја, пиротехнички средства, а нивниот говорник во еден момент ги повикал да упаднат во самата зграда. Со многу труд беа спречени, а некои луѓе го пробија кордонот и беа приведени. Има 10 колеги кои се повредени во пределот на лицето и очите. Тие продолжуваат да ги извршуваат службените обврски. Шест лица се приведени“,
рече Иванов во изјава која ја пренесува „БНТ њуз“.
Од Преродба велат дека нивниот протест ќе продолжи и в среда во Народното собрание. Партијата бара оставка од владата поради, според нивните зборови, „незаконските дејствија за внесување на Бугарија во еврозоната“.
Реакција за инцидентот има од Советот на министри од каде најостро го осудуваат сквернавењето на зградата на Европскиот парламент и Европската комисија во Бугарија.
„Нападите врз институциите, без разлика дали се национални или европски, се неприфатливи и се во спротивност со принципите на владеењето на правото. Посебно од симпатизери на партија која има свои претставници во Европскиот парламент. Демократското право на протест не вклучува агресија, уништување јавен имот и напади врз полицајци. Државата нема да толерира обиди за дестабилизација и ќе ги преземе сите неопходни мерки за гарантирање на јавниот ред“,
се вели во реакцијата од Советот на министри од каде што повикуваат на одговорност и почитување на законот.
По инцидентот, реакција има од претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, која на социјалната мрежа Икс напиша дека насилството и вандализмот никогаш не се решение.
„Срамотни сцени во Софија каде што нашата канцеларија на ЕУ беше вандализирана. Во Европа го остваруваме правото да демонстрираме на мирен начин. Насилството и вандализмот никогаш не се решение“,
пишува Фон дер Лајен.
Outrageous scenes in Sofia where our EU office has been vandalised.
— Ursula von der Leyen (@vonderleyen) February 22, 2025
In Europe, we exercise the right to demonstrate in a peaceful way. Violence and vandalism are never the answer.
Осуда има и од министерот за внатрешни работи Даниел Митов кој рече дека прекршителите на законот ќе одговараат за своите постапки.
„Категорично ја осудувам агресијата врз полицајците, кои со одговорност и професионализам го гарантираат правото на секој бугарски граѓанин мирно да го изрази својот протест или поддршка за каузите во кои верува. Како министер за внатрешни работи, нема да се двоумам да издадам соодветни наредби за да се обезбеди целосна строгост на законот за зачувување на граѓанскиот мир. Министерството за внатрешни работи и бугарската полиција нема да се двоумат во својата мисија да ги заштитат животите и имотот на граѓаните, како и да ги заштитат институциите од вандализам. Грдите настани пред зградите на Бугарската народна банка и на Европската комисија во Софија, на кои бевме сведоци денеска, се документирани и прекршителите на законот ќе одговараат за своите постапки“,
рече тој во изјава што ја пренесува „Нова.бг“.
Од партијата ГЕРБ категорично ги осудуваат денешните постапки на партијата Преродба и ги повикаа органите на прогонот да преземат навремени активности во рамките на нивните овластувања за заштита на правниот поредок во Република Бугарија.
Нова.бг ја пренесува и реакцијата на лидерот на ДПС – нов почеток, Дељан Пеевски, кој ја повикува државата, претставена од МВР и Обвинителството, да интервенира со сите сили и да ја „запре оваа глутница“.
Копретседавачот на Промените продолжуваат, Кирил Петков, го нарече вандализмот напад на зградата на Европската комисија кој е предводен од луѓе кои „продаваат“ лажни тези дека еврото е закана.