Градоначалникот на Боговиње, Албон Џемаили да ги сослуша барањата на претставниците на двете месни заедници, а Владата активно ќе се вклучи во решавање на проблемот со водата меѓу селата Синичане и Урвич, е заклучокот по денешната средба меѓу повеќе владини претставници и локалната власт.
„Единствениот компромис што е постигнат е утре да се сретнеме повторно во 12 часот во просториите на општината со претставници на месните заедници на Урвиќ и Синичани. Но, имаме позитивна енергија да го решиме проблемот. Не можам да кажам ништо за тоа како разговорите ќе продолжат понатаму, но јас би сакал и добро е што утре ќе разговараме со студени глави и двајцата претставници на двете локални заедници ќе седнат и ќе ги продолжат разговорите за решавање на проблемот со водата за пиење“,
изјави градоначалникот на Боговиње, Албон Џемаили.
Преку соопштение од Владата информираат дека од страна на Општината сè уште не е изготвена потребната проектна документација за изградба на систем за водоснабдување за селото Синичане, но сите владини претставници се согласиле дека ќе помогнат побрзо да се реши проблемот.
„Со цел побрзо решавање на проблемот и обезбедување на вода за пиење за жителите, присутните владини претставници изразија подготвеност Владата да даде поддршка на сите засегнати страни и да и помогне на Општината во обезбедување на потребната техничка документација, како би се обезбедило трајно решение за прашањето со снабдување со вода за популацијата во овој регион“
додаваат од Владата.
Сите страни како што информираат од Владата се согласиле дека полицијата е добредојдена за одржување на редот и мирот.
Проблемот меѓу двете села настана откако Општина Боговиње почна да гради станица за вода од изворот Буновце за Синичани, но тоа го спречија жителите на Урвич кои обвинуваат дека нема дозвола за градба и стравуваат дека и тие ќе останат без вода.
Освен „битка“ за вода, конфликтот прерасна и политичка „пресметка“ по меѓусебните обвинувања од страна на градоначалникот Албон Џемаили кој е од Алијансата за Албанците и министерот за внатрешни работи Агим Нухиу, за тоа кој покажува сила, а кој го подбуцнува локалното население.