Министерот за внатрешни работи Агим Нухиу го обвини градоначалникот на Боговиње, Аљбон Џемаили за манипулација со локалното население и полицијата во врска со настаните во Синичане. Нухиу, кој е кадар на ДУИ, за ТВ21 изјави дека Џемаили, кој е кадар на Алијансата за Албанците, во полиција се жалел дека може да ескалира безбедносната состојба на локацијата поради спор за локален водовод, а на терен правел нешто сосема друго.
„Не дека покренал сомнеж, туку на некој начин ја принуди полицијата да преземе активности во насока на креирање оперативни планови. Па така, кога го имаме барањето на градоначалникот, неговата изјава дека може да биде загрозена безбедноста, животот на граѓаните, кога се става под знак прашалник нарушувањето на поредокот и безбедноста, а од друга страна кога ги имаме писмените пријави од околните мештани, тогаш полицијата е принудена да прибере и други оперативни податоци. Од тие податоци ние дојдовме до заклучок да се изготви план и полицијата да биде испратена таму за да го зачува јавниот ред и мир. Нас нѐ интересира ниту еден граѓанин да не го загуби животот и да не биде загрозен животот на ниту еден граѓанин“,
изјави Нухиу за ТВ21.
Ставот на Нухиу доаѓа како одговор на ставот на лидерот на Алијансата за Албанците, Зијадин Села. Тој ја повика полицијата да се повлече од Синичане и да им овозможи на жителите да се снабдуваат со вода за пиење. Обвини дека зад интервенцијата на полицијата се кријат бизнис интреси на ДУИ.
Села ја повика и меѓународната заедница да интервенира со цел Северна Македонија да не стане полициска држава.
„Со тоа што полицијата е се уште присутна кај граѓаните кои протестираат за проблемот со водата за пиење во Синичане покажавме дека сме полициска држава со наредбите на Нухиу кој е од ДУИ. Ова го прават бизнис лицата од ДУИ кои сакаат наместо вода за пиење на граѓаните да изградат хидроцентрали“,
изјави Села
Конфликтот, кој прерасна и во политичка пресметка, е последица на спротиставените интереси на жителите на две села на Шар планина. Од една страна се жителите на Синичане и градоначалникот Џемаили кои сакаат да изградат станица за снабдување со вода на селото од изворот Буновце. Општината се обиде да почне со градежни работи, иако според досегашните информации нема проект и соодветна документација за такво нешто.
Од друга страна се жителите на селото Урвич, кои не сакаат изворот да се користи и од Синичане, туку само за нивното село.
Случајот веќе е предмет на интерес на обвинителството и на Владата.