Од Судскиот совет не негираат дека при проверката во архивата било утврдено дека таква претставка воопшто не е заведена во електронскиот систем, но, истовремено ја повикуваат Антикорупциска да достави доказ дека претставката навистина била примена во Судскиот совет во 2018 година. Од Судскиот совет велат дека при проверката во архивата било утврдено дека таква претставка воопшто не е заведена во електронскиот систем и ја повикуваат Антикорупциска да достави доказ дека претставката навистина била примена во Судскиот совет
Утре тричлена комисија предводена од членот на Судскиот совет и координатор за струшкиот суд Миљазим Мустафа ќе го посети струшкиот суд. Во текот на посетата, како што се наведува, членовите на комисијата ќе проверуваат кај судиите во Основниот суд Струга дали имало притисоци врз нив. По посетата, од Советот најавуваат извештај, кој треба да биде изготвен во најскоро време и презентиран пред членовите на Судскиот совет и пред јавноста, односно медиумите
Судскиот совет денеска преку писмено соопштение ги отфрли како неосновани и неаргументирани тврдењата на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) за непостапување, „па дури и за прикривање“ на предмет во случајот со струшкиот градоначалник Рамиз Мерко, а кои во петокот на прес-конференција со останатите членови на Комисијата ги изнесе првата антикорупционерка Билјана Ивановска.

Имено, шефицата на Антикорупциска на прес-конференцијата посветена на иницијативите што ова независно тело уште пред четири години ги покренало до надлежните институции за гонење на струшкиот градоначалник, се осврна и на случај во Судскиот совет од чија електронската архива исчезнал предмет против претседател на Основниот суд Струга за политичко влијание на судија кој одлучувал по барањето на Општина Струга за зголемување на минимумот на општинските средства за да може да се изврши јавна набавка на возила, меѓу кои и луксузното возило за Мерко, за потоа по ургенција од ДКСК, од Советот да кажат дека предметот застарел.
Американскиот Стејт департмент пред точно една недела го стави струшкиот градоначалник Рамиз Мерко на „црна листа“ поради вмешаност во значителна корупција, присвојување средства и мешање во судски и во други јавни процеси.
Во денешното соопштение од Судскиот совет по датуми посочуваат кога до нив стигнала ургенцијата и претставката за предметот поврзан со струшкиот градоначалник и со претседателот на Основниот суд Струга, кога било одговорено од Советот и каква била состојбата со предметот.
„За прв пат ургенција од ДКСК до тогашниот претседател Павлина Црвенковска е доставена на 4.06.2021 година заведена под број УПП 08 341/1, во која Судскиот совет се информира дека е оформен предмет по нивна иницијатива врз основа на наводи изнесени во медиумите за постоење сомневање дека струшкиот градоначалник ја злоупотребил својата службена положба при набавка на четири автомобили за потребите на општината со вкупна вредност од 114 000 евра. Во ургенцијата, ДКСК се осврнува и на двете решенија со број ППНИ 24/16 од 13.05.2016 и ППНИ 84/17 од 28.11.2017 година донесени од ист судија, претседателот на основниот суд во Струга, Ифет Бајрамовски, кои иако се темелат на иста фактичка состојба и исти образложени причини, различно ја решаваат правната работа. Во првиот случај, барањето на должникот – општина Струга се одбива, додека со второто решение се усвојува. Во прилог на оваа ургенција е доставена и претставка од ДКСК од 18.11.2019 година, која е насловена до тогашниот претседател на Судскиот совет, Киро Здравев“,
се наведува во соопштението од Судскиот совет.
Веќе на 10 јуни 2021 година, се вели понатаму во соопштението, или само една недела по добивањето на ургенцијата, потенцираат од Советот, оттаму било испратено известување до државната комисија за спречување на корупцијата. Во него Судскиот совет ја информирал ДКСК дека во конкретниот случај е поминат подолг временски период, односно „решенијата се од 2016 и 2017 година, поточно е истечен рокот од три години предвиден во член 61 од Законот за судски совет“, односно дека предметот е застарен.
Од Судскиот совет потенцираат дека тогаш Советот по првпат ја добил на увид претставката која во петокот ја посочи Ивановска и за која, како што посочи првата антикорупционерка, добиле одговор дека таква претставка не е пронајдена во електронската архива на Советот.
Од Судскиот совет велат дека при проверката во архивата било утврдено дека таква претставка воопшто не е заведена во електронскиот систем и ја повикуваат Антикорупциска да достави доказ дека претставката навистина била примена во Судскиот совет во 2018 година.
„Сакаме да потенцираме дека во таа прилика, Судскиот совет за прв пат ја добива на увид спомената претставка од 18.11.2019 година адресирана до тогашниот претседател Здравев. По направените проверки во Архивата на Судскиот совет, дојдено е до сознание дека таква претставка не е воопшто заведена во електронскиот систем. Оттаму зачудува паушалното тврдење на ДКСК дека ‘претставката е загубена’. Од Судскиот совет ја повикуваат ДКСК да достави доказ дека претставката е навистина примена во Судскиот совет во 2018 година, кога сè уште течеле роковите за постапување. Зачудува фактот што на Антикорупциска и требале дури 2 години да реагира со ургенција за споменатиот случај и се поставува прашањето зошто не се заинтересирале дотогаш да побараат одговор дали е постапено по истата“,
се наведува во соопштението на Судскиот совет.
Инаку, претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата, во петокот пред новинарите покажа доставница, која, како што рече, потврдува дека претставката била испратена и примена во Судскиот совет.
Од Советот велат дека категорично одбиваат да бидат неправедно етикетирани и вбројувани во редот на институции кои наводно свесно помагале во забошотувањето на предмети поврзани со струшкиот градоначалник. Уште помалку, додаваат од Советот, во позадина се некакви политички тврдења.
„Напротив, уште истиот ден кога беше објавена веста за ставањето на Рамиз Мерко на ‘црната листа на САД’, Судскиот совет одлучи да ги провери сите наводи искажани од Стејт департментот и американскиот амбасадор во Македонија за наводни влијанија врз струшките судии од страна на градоначалникот“,
велат од Советот.
Во тој контекст, оттаму информираат дека утре тричлена комисија предводена од членот на Судскиот совет и координатор за струшкиот суд Миљазим Мустафа ќе го посети струшкиот суд. Во текот на посетата, како што се наведува, членовите на комисијата ќе проверуваат кај судиите во Основниот суд Струга дали имало притисоци врз нив. По посетата, од Советот најавуваат извештај, кој треба да биде изготвен во најскоро време и презентиран пред членовите на Судскиот совет и пред јавноста, односно медиумите.
„Воедно, сакаме да потсетиме и дека одлуките и процесните дејствија на првостепените судови подлежат на контрола на повисоките второстепени судови. Од своја страна, Судскиот совет апелира и до сите надлежни институции докрај да се истражи овој случај, но бара од нив да бидат внимателни во изнесувањето на информации во јавноста, со цел дополнително да не се поткопува довербата на граѓаните во правосудниот систем“,
подвлекуваат од Судскиот совет.
