За справување со актуелната состојбата со коронавирусот, Владата ќе се задолжи околу 600 милиони евра.
Тие средства ќе ги обезбеди од три места, објасни министерката за финансии Нина Ангеловска на денешната прес-конференција.
Првото и најголемото задолжување ќе биде со заем 400 милиони евра.
„Министерството за финансии предложи да се искористи еден специјален инструмент ‘бриџ то бонд фасилити’, односно заем додека да се земе еврообврзница. Тој заем ќе биде во износ 400 милиони евра со рок на доспевање од 12 месеци и е со цел да се поддржи ликвидноста на државата, да се сервисираат потребите и на здравството и на стопанството“,
рече Ангеловска.
Овој заем се зема за да се покрие периодот додека се земе еврообврзница, која секако била планирана да се издаде во втората половина на 2020 година. Бидејќи е потребно време за процедурата за еврообврзницата, ќе се земе заемот кој ќе биде вратен кога ќе се добијат парите од еврообврзницата.
„Понатаму, планирано е да се повлечат 87 милиони евра од фондовите на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) на кои имаме право како членка. Исто така, ќе се побараат средства за развојни политики од Светската банка каде што очекуваме да повлечеме износ од околу 100 милиони евра“,
рече Ангеловска објаснувајќи од каде ќе бидат останатите две задолжувања.
На овој начин, според министерката, власта ќе се осигура дека и во најцрно сценарио ќе се обезбеди ликвидност на Буџетот. Таа најави дека ќе има кратења и пренамени на парите во буџетот, но за тоа дополнително ќе се одлучува.
Барањата за најавените заеми, како што рече министерката, ќе почнат од понеделник да се доставуваат до меѓународните институции, а потоа ќе се излезе и со вториот сет економски мерки на Владата за справување со кризата со коронавирусот.
Ангеловска и на денешната прес-конференција потенцира дека станува збор за непредвидлива криза, но нагласи и дека предвидувањата воопшто за економијата се дека најголемиот шок може да се очекува во вториот квартал, односно во месеците април, мај и јуни. За третиот квартал, пак, очекувањата се дека ќе има одредена стабилизација, додека во четвртиот би можел да се почувствува одреден раст.