Од ССМ велат дека е добро што нема намалување на платите во јавниот и во приватниот сектор
Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) го поздравува новиот сет мерки на Владата за справување со здравствено-економската криза, предизвикана од ширењето на коронавирусот. Тоа, како што се наведува, посебно се однесува на ставот на Владата да нема намалување на платите на вработените во јавниот и приватниот сектор.
Во соопштението се наведува дека мерките биле усогласени на денешната седница на Економско-социјалниот совет и оти конструктивниот социјален дијалог е главната алатка за да се сочува достоинството на работниците во овие специфични моменти за државата.
„На седницата социјалните партнери заеднички констатираа дека главен приоритет, во овој специфичен период, е здравјето и животот на работниците и граѓаните, но дека состојбата не смее засега да се дозволи да премине и во криза на пазарот на труд и да се надминува врз грбот на работниците. Конструктивниот социјален дијалог и можноста претставниците на работниците да ги изнесат своите предлози и решенија за оваа состојба е главна алатка во овие специфични моменти преку која сите заедно можеме да придонесеме за зачувување на достоинството на работниците, а истовремено и да помогнеме на Македонската економија“,
велат од ССМ.
Сојузот на синдикатите апелира до сите граѓани да се придржуваат до препораките на Министерството за здравство и Владата за побрзо да се надмине состојбата со коронавирусот во земјава.