Лигнадис е обвинет за сексуално злоставување на најмалку две деца, вклучувајќи и 14-годишно девојче
Грчки театарски актер, режисер и поранешен управител на грчкиот народен театар, Димитрис Лигнадис е уапсен под обвинение за сексуално злоставување на неколку деца.
Лигнадис е обвинет за сексуално злоставување на најмалку две деца, вклучувајќи и 14-годишно девојче.
Полицијата вчера го уапси Лигнадис, откако медиумите со денови пишуваа за обвинувањата. Лигнадис ги отфрли обвинувањата на рочиштето.
Поради обвинувањата, Лигнадис се повлече од својата позиција во Грчкиот народен театар на почетокот на февруари.
Грчката опозиција остро ги критикува премиерот Кирјакос Мицотакис и министерката за култура Лина Мендони, кои го поставија Лигнадис на челната позиција во театарот.
Медиумите во Грција деновиве пишуваат за бројни скандали со сексуална злоупотреба, а бран обвинувања против членови на спортскиот и културен живот иницираше поранешната олимписка шампионка во едрење, Софија Бекатор, која рече дека во 1998 година била малтретирана од претседателот на Грчка едриличарска федерација.
Ова е втор ваков голем скандал со сексуално злоставување во театарските кругови во регионот.
Неодамна со вакви тврдења излегоа голем број млади актерки за Мирослав Мики Алексиќ, познат сценарист и режисер кој досега важеше за голем авторитет во актерските кругови.