Драган Ковачки, полковник од АРМ, е предлогот на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски за прв човек во Министерството за внатрешни работи. Информацијата за „360 Степени“ ја потврдуваат и упатени политички кругови.

Во еден период од својата кариера, додека ВМРО-ДПМНЕ е на власт, а Ѓорѓе Иванов Врховен командант, Драган Ковачки бил раководител на Воената служба за безбедност и разузнавање.

Неговото име се актуелизираше неодамна откако Стево Пендаровски ја презеде претседателската позиција. Имено, Ковачки беше меѓу неколкуте спорни унапредувања кои Иванов ги потпиша во предизборниот период. Затоа, новиот шеф на државата и Врховен командант потпиша нови укази за разрешувања, поставувања и отповикувања во Армијата. Така, Ковачки беше разрешен од позицијата на која го постави Иванов – командант на 1. Механизирана бригада.
Но, посериозен проблем во потегот на Мицкоски да го предложи Ковачки за технички министер за внатрешни работи лежи во Уставот на земјата кој забранува униформирано лице да биде цивилен шеф на министерството за внатрешни работи или за одбрана.
Ковачки важи за човек близок до Синиша Алексовски, поранешниот советник за национална безбедност на претседателот Иванов. Името на Алексовски беше споменато на судењата за настаните на 27 април.
Во текот на процесот браќата Стефан и Михаил Младеновски, кои беа учесници во инцидентите, сведочеа дека Алексовски им пренел дека Ѓорѓе Иванов планирал вечерта на 27 април да прогласи воена состојба и дека припадници на воената полиција се подготвени да го уапста раководството на СДСМ.