Бугрскиот претседател Румен Радев ги закажа парламентарните избори за 2 октомври годинава и назначи преодна влада на чело со премиерот Галаб Донев. Први на изборите се пријавија ГЕРБ, која ја продолжува коалицијата со СДС, како што беше случајот во претходното Народно собрание
На претпоследниот ден од рокот за пријавување на престојните избори во Бугарија, закажани за 2 октомври годинава, се пријавија и „Демократска Бугарија“, „Продолжуваме со промената“, Движењето за права и слободи и националистичкото „Преродба“ и ВМРО, јави дописникот на МИА од Софија.
Никола Минчев од „Продолжуваме со промената“ кажа дека во 47. Народно собрание многу добро работеле со „Демократска Бугарија“ и со БСП. Неговата партија, како што кажа, секако ќе работи заедно со „Демократска Бугарија“, но не кажа дали ова ќе биде во форма на предизборна или постизборна коалиција, бидејќи се работи за политичка тактика која опција ќе им донесе најмногу мандати во 48. Народно собрание.
Откако ќе ги добијат резултатите од длабоката социолошка студија нарачана од нивна страна, вели Минчев, ќе оценат која опција е подобра за да соберат повеќе гласачи, додавајќи дека целат во овој формат да имаат мнозинство во идниот парламент на Бугарија.
„Демократска Бугарија“ поднесе документи за учество на предвремените парламентарни избори во Бугарија на 2 октомври. Надежда Јорданова рече дека ќе чекаат „Продолжуваме со промената“ дали ќе учествуваат заедно на изборите бидејќи според неа на Бугарија и треба големо обединување за да се елиминира моделот на Бојко Борисов.
Лидерката на БСП, Корнелија Нинова, по регистрацијата на партијата истакна дека се бореле против корупцијата и го запреле рекетирањето на фирмите додека биле во владејачката коалиција. Таа презентираше четири одлуки со кои БСП гарантира дека ќе ја води Бугарија во наредните месеци доколку влезе во следниот парламент.
„Преродба“ најавија дека влегуваат во изборна кампања со барање да бидат прва политичка сила, коментира Петар Петров, но не гледаат со кого би можеле да коалицираат во новиот бугарски парламент. Од партијата побараа да ги подобрат односите на Бугарија со Русија.
Откако ВМРО-БНД не успеа да направи коалиција со партиите на Слави Трифонов и поранешниот вршител на должноста премиер Стефан Јанев, тие најавија дека се пријавуваат за самостојно учество на изборите. Ангел Џамбазки коментира дека на избори одат со платформата на ВМРО-БНД, која се заснова на заштита на бугарскиот интерес, која ја продаде коалицијата „Анти-Македонија“.
Први на изборите се пријавија ГЕРБ, која ја продолжува коалицијата со СДС, како што беше случајот во претходното Народно собрание.
Бугрскиот претседател Румен Радев ги закажа парламентарните избори за 2 октомври годинава и назначи преодна влада на чело со премиерот Галаб Донев.
Минатата година во Бугарија беа одржани три последователни изборни циклуси. Дури во последниот обид беше направена влада предводена од новиот политички субјект „Промената продолжува“, во која клучна улога имаше двоецот Кирил Петков – Асен Василев, двајцата министри во техничките влади на претседателот Румен Радев.
Нивната коалиција, во која партиципираа и БСП, „Демократска Бугарија“ и ИТН траеше нешто повеќе од шест месеци. Кабинетот на Петков беше избран на 13 декември минатата година. Недоверба на неговата влада и беше изгласана на 22 јуни оваа година.