Георгиев вели дека во најскоро време ќе иницираат и средба со холандскиот амбасадор кој упати остри критики на адреса на Судскиот совет велејќи дека тоа е нелегитимно тело и објави дека Холандија стопира проект кој го спроведуваше со Советот. Меѓутоа тој не се согласува со критиките во однос на разрешувањето на претходната претседателка и неговото назначување на таа функција. Во изјавата тој излезе и со оценка дека случувањата во Советот не се претставуваат како што се

По критиките од холандскиот амбасадор Дирк Јан Коп, со кои се согласи и претседателот Стево Пендаровски, кој рече дека целиот Судски совет се избрукал пред јавноста, новиот претседател на ова тело Сашко Георгиев вели дека се непријатни таквите укажувања, но уверува дека тие работат согласно законот.
„Ако имаат некаков сомнеж, бидејќи се спомнуваа некакви коруптивни елементи, има надлежни институции и тие нека ја испитуваат работата. Јас сум назначен неполн месец и можам да одговарам, и индивидуално, и колективно, и доколку има некакви сомнежи, институциите слободно нека проверат“,
изјави Георгиев денеска за медиумите откако Судскиот совет вчера се огласи и со соопштение во кое рече дека холандскиот амбасадор дава неосновани изјави.
Георгиев се согласува дека „има простор за критики“, пред сè, бидејќи нема завршница за голем дел од, како што рече, сензитивни предмети од поранешното Специјалното јавно обвинителство. Тоа, вели, е „стар проблем кој веќе некое време се провлекува и е во општата перцепција“, како и во делот на владеењето на правото и нагласи дека тоа е обврска на која треба да работат.
„Очекувам дека Советот во согласност на неговите надлежности за многу кратко време ќе покаже дека работи и дека ќе имаме резултати во тој дел. Но, тука ги повикувам сите – и судовите, пред сè судиите, апсолутно треба да посветат внимание на тие сензитивни предмети и да имаат завршница. Создаваме недоверба кај граѓаните зашто некои предмети застаруваат и тоа е реален проблем. Во тој дел се согласувам и со амбасадорот и со сите релевантни критики. Апсолутно мора да се понесе одговорност во секторот правосудство, а ние како Совет мора да ги следиме тие состојби. А ако детектираме некој проблем, согласно надлежностите, постапуваме“,
рече Георгиев.
Во најскоро време, рече тој, ќе иницираат средба со амбасадорот на Холандија за да разговараат, но не се согласува со изнесените ставови дека претседателот на Судскиот совет е избран на колегиум и смета дека и разрешувањето на неговата претходничка Весна Дамева и неговото назначување за прв човек на Советот биле спроведени законски.
„Знаеме како е избран претседателот, со број на гласови согласно законот, на јавна седница. Меѓутоа, се случија настани во Советот, имавме разрешување на претходната претседателка. По четири до пет месеци се изгласа недоверба на колешката. Верувам, се создаде можеби чувство на каков начин, дали било процедурално. Согласно Законот за Судски совет е пропишана процедурата за избор на претседател, согласно истиот закон не е пропишана процедура за разрешување на претседател. Со мнозинство, најмалку осум, се избира претседател“,
рече Георгиев.
Во изјавата за медиумите тој нагласи и дека е апсолутно мнозинство тоа што девет од 13 члена на седница гласале за разрешување на претседателката и дека „веројатно има причина зошто гласале за разрешувањето“, а „некој од релевантните фактори“ треба да се праша зошто девет члена гласале за разрешувањето на Дамева.
Според него, случувањата во Советот не се претставуваат какви што се. Освен дека нејзиното разрешување било поради нарушени меѓучовечки односи, како што веќе беше претходно соопштено, Георгиев не прецизира детали и заради заштита на интегритетот на некои членови од Судскиот совет кои тогаш одлучиле седницата за разрешувањето да биде затворена за јавноста.
„Јавноста ќе остане без податок кои се тие меѓучовечки односи до тој степен нарушени, а ние за да го заштитиме интегритетот, сега испадна дека нешто се крие во Советот. Ве уверувам дека состојбата не е таква“,
додаде претседателот на Судскиот совет.
Во однос на најавата дека Холандската амбасада ќе прекине финансирање на проект, посочи дека и самиот е вклучен во тој проект и дека тој се однесува на транспарентност и отчетност на работењето на Судскиот совет, за што се обучуваат од судии од Холандија.
„Имавме добра соработка и се надевам дека таа ќе продолжи во иднина. Иако е во мирување проектот, очекувам дека за кратко време ќе се препознаат позитивните оценки од работењето на Судскиот совет и дека во догледно време ќе продолжи овој проект“,
истакна Георгиев.
Холандскиот амбасадор критиките ги изнесе во интервју за Радио Слободна Европа (РСЕ) минатиот викенд и рече дека проблемот во правосудството е всушност истиот како и со корупцијата.
Во минатите две години, рече тој, мислевме дека видовме напредок, подобар менталитет, независно поставување на судии во Судот, но сега, нагласи, повторно гледаме дека работите се влошуваат.
„Гледаме знаци на политичко влијание кај изборот на Обвинителството за организиран криминал, гледаме знаци на политичко влијание во изборот на кандидати во Академијата на судии и јавни обвинители, гледаме знаци на политичко влијание практично во сите судови, и да, тоа е многу загрижувачко, се натрупува едно по друго и дозволете да ве потсетам дека во февруари 2020 година, кога Парламентот донесе закон со кој гарантираше процесуирање на случаите на СЈО, случаите со масовното прислушување и тоа беше единствениот настан што направи мојата земја да се согласи за членство на Северна Македонија во ЕУ, а потоа и Советот на ЕУ се согласи со тоа во март 2020 година. Тоа е централно прашање и го следиме внимателно. Тоа е дел од поглавјето ’основи‘ кое прво се отвора, а последно се затвора и ќе остане од висока важност во целиот процес. Но она што ние, напротив, го гледаме, е дека сите случаи на СЈО, еден по еден тонат, а тоа е многу лош развој, а сега го имаме и случајот со Судскиот совет, кој всушност стана нелегитимно тело. Тоа е многу сериозно и болно за гледање. И поради тој преседан, Холандија сега стави во мирување еден голем проект поврзан со Судскиот совет. Ситуацијата е многу сериозна“,
рече Коп.
Претседателот Пендаровски, пак, вчера рече дека изјавата на холандскиот амбасадор е „сосема коректна“ и оти посакува и други амбасади да ги повлечат парите и проектите и од невладини и од медиуми кои работат против Европа.
„Мислам дека проблемот со Судскиот совет е многу поголем отколку тие двајца кои по мој предлог ги избра Собранието. За жал, целокупната постава на овој Судски совет прилично се избрука во очите на македонската јавност и во таа насока, мислам, е сосема коректна изјавата на холандскиот амбасадор да, ако не се лажам, го спроведуваат со Судскиот совет. Би сакал да видам, не само од холандската амбасада, туку и од неколку други амбасади во Скопје да ги повлечат своите проекти и парите кои ги даваат не само на Судскиот совет, туку и на неколку невладини организации и медиуми кои очигледно сите овие години наназад работат со европски пари, а против Европа“,
рече Пендаровски.