Првиот човек на СС е избран на седница со потребниот број гласови утврдени во Законот за ССРСМ. Советот ги повика надлежните да ги испитаат сите сомнежи за корупција, а воедно потсетуваат дека Врховниот суд дополнително и во законска процедура ги проверува сите одлуки донесени за проверка на одговорноста на судиите преку жалбениот Совет, велат од Советот
Судскиот совет функционира законски и во согласност со надлежностите дадени во Законот за Судски совет, заклучил Советот на денешниот работен колегиум на кој биле отфрлени како неосновани тврдењата на холандскиот амбасадор Дирк Јан Коп дека новиот претседател на Судскиот совет е избран во нелегитимна процедура и затоа се става во мирување четиригодишниот проект финансиран од оваа земја.
„Првиот човек на СС е избран на седница со потребниот број на гласови утврдени во Законот за ССРСМ. Советот ги повика надлежните да ги испитаат сите сомнежи за корупција, а воедно потсетуваат дека Врховниот суд дополнително и во законска процедура ги проверува сите одлуки донесени за проверка за одговорноста на судиите преку жалбениот Совет. Холандскиот проект трае четири години и се состои од три компоненти: ефикасност, отчетност, транспарентност и регионална соработка и во моментот се наоѓа во третата проектна година“,
се наведува во соопштението од членовите на Советот.
Холандскиот амбасадор во земјава, Дирк Јан Коп, во интервју за Радио Слободна Европа оцени дека Владата нема напредок во борбата против корупцијата, туку дека работите се влошуваат.
Во однос на довербата на граѓаните во правосудството, Коп оцени дека по превирањата во Судскиот совет околу разрешувањето на претседателката Весна Дамева и ова тело веќе не е легитимно. Поради тој преседан, како што рече Коп, Холандија ставила во мирување еден голем проект поврзан со Судскиот совет.
Од Алтернатива денеска реагираа дека стопирањето на проект со Судскиот совет поради корупција, од страна на Холандија, е „тежок скандал кој директно ги загрозува нашите европерспективи“.
Ова, според Алтернатива, е холандски аларм за владата на Димитар Ковачевски и Артан Груби, а може да биде и нова пречка на патот за членство во ЕУ.