Домашната задача нема да ни ја заврши никој друг од надвор, туку само ние самите. Нема бегање од болните теми, очигледно е дека ЕУ-интеграцијата на Северна Македонија веќе нема да зависи само од внесувањето на Бугарите во Уставот, велат од опозициската Алтернатива барајќи да се усвои нивниот предлог за интервенција во Уставот, со која би се спречило застарување на кривични дела сторени со политичка корупција од избрани и именувани лица
Стопирањето на проект со Судскиот совет поради корупција од страна на Холандија е тежок скандал кој директно ги загрозува нашите европерспективи, реагира Алтернатива откако викендов информацијата за проектот ја обелодени холандскиот амбасадор во земјава Дирк Јан Коп во интервју за Радио Слободна Европа (РСЕ).
Ова, според Алтернатива, е холандски аларм за владата на Димитар Ковачевски и Артан Груби, а може да биде и нова пречка на патот за членство во ЕУ.
„Не треба да се залажуваме и да мислиме дека ова е нешто што ќе помине за три дена. АлтернАтивА изразува длабока загриженост за ваквите одлуки на Кралството Холандија. Клучната дилема е дали се најавува нова пречка на патот кон ЕУ, сега заради високата корупција? Ако Владата навистина е толку посветена на Европскиот пат како што упорно се декларира во јавноста, тогаш не смее да молчи за овој тежок скандал. Наративот дека извршната и законодавната власт не се мешаат во третата, независна, судска власт одамна не поминуваникаде. Особено заради бруталната партизација на секоја инстанца во правосудните органи“,
велат од Алтернатива.
Од оваа партија, која пред околу три месеци излезе од владината коалиција и на нејзино место влезе Алијанса за Албанците (АА), сметаат дека министерот за правда Кренар Лога, кој е кадар на АА, треба веднаш да ја депонира оставката.
„Тој и Алијанса на Албанците се соучесници во партиските изживувања на ДУИ и СДСМ во правосудството на штета на стратешкиот колосек на државата. Изминуваат 7 месеци откако Алтернатива, уште како владејачка партија, предложи Уставен амандман за спречување на застареноста на кривични дела сторени со политичка корупција од избрани и именувани лица. Одговорен чекор кој директно ја адресира високата корупција во сите ешалони на власта“,
велат од Алтернатива.
Предлогот, забележуваат од партијата, наиде на висок степен на разбирање од страна на најважните меѓународни партнери, но најодговорните во актуелната влада – ДУИ и СДСМ, наместо да го прифатат амандманот, тие, велат, нè обвинуваат дека наметнуваме наши услови за поддршка на процесот на уставните измени. Оттаму уште еднаш повикуваат да се направи ваква интервенција во Уставот.
„Домашната задача нема да ни ја заврши никој друг од надвор, туку само ние самите. Нема бегање од болните теми. Порано или подоцна, соочувања со правдата мора да има. Токму сега е моментот сите парламентарни партии да се согласат да се интервенира во Уставот и да се создадат правни механизми кои ќе гарантираат дека ниту еден професионален политичар кој се огрешил, нема да може да ја избегне правдата заради партиско влијание во правосудството. Очигледно е дека ЕУ-интеграцијата на Северна Македонија веќе нема да зависи само од внесувањето на Бугарите во Уставот. Колку побрзо ја разбереме реалноста, толку подобро за сите!“,
велат од Алтернатива.